Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖЕСТОКА РАСПРАВА ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ: Какви амандмани ќе понуди ВМРО-ДПМНЕ?

ЖЕСТОКА РАСПРАВА ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ЈАЗИЦИ:  Какви амандмани ќе понуди ВМРО-ДПМНЕ?

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Комисијата за европски прашања на која се разгледува предлог Законот за јазици, ја обвини власта за рушењето на концептот на мултиетничност на општеството и преминување на биетничко општество. 

Димовски изјави дека овој закон ги загрозува останатите јазици  коишто се зборуваат во Република Mакедонија. 

„ВМРО-ДПМНЕ во амандманска расправа ќе ви понуди амандмани со кои што рамноправноста и еднаквоста ќе важи за сите, не само за Македонците и Албанците. Република Македонија околу 15% од нејзините граѓани и нејзините жители се припадници на помалите етнички заедници. Зошто тие 15% да бидат помалку еднакви од 25% Албанци? Зошто кога зборувате за еднаквост и рамноправност зборувате само за Македонците и Албанците? Бидејќи никој не зборува за еднаквоста на Турците во Македонија, или Бошњаците или Србите или Власите или на Ромите, ние ќе го понудиме во амандмани тој концепт и овие жалопојки и убави зборови кои што ги слушнавме од еден од колегите пратеници од ДУИ ќе ги тестираме на лице место, во амандманска расправа“ - кажа  Димовски. 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антинио Милошоски рече дека предлог-законот за кој се разговара всушност е политички договор на владината коалиција и без аргументи се носи по брза постапка под превезот на европското знаменце.

„Ако беше регуларен немаше за него да се разговара со европско знаменце туку ќе се носеше по регуларна постапка. Дали воопшти ги поканивте на дебата за да го кажат своето мислење Симона Грујовска – Маџовска или Александра Ѓуркова од Институтот за македонски јазик? Дали воопшто ги поканивте за овој предлог-закон мислење да дадат професорите Силјановска, Ќулавкова, Ванковска да го кажат своето мислење“- вели Милошоски. 

Пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми, се обрати на македонски јазик и рече дека нему не му пречи македонскиот јазик како што на Милошоски му пречи албанскиот јазик. 

„Употребата на албанскиот јазик по овој закон, не е против македонскиот, туку само им помага на Албанците да ги остварат своите загарантирани права“- рече Адеми. 

Општата расправа за предлог-законот максимум може да трае до завршувањето на работните часови во четврток.

Слично

Поврзани вести