Жешкиот костен законот за јазиците оставен за по празникот
Измените на Законот за употреба на јазиците само кратко се најде во владина процедура за веднаш да биде вратен на доработка со што неговото носење може да се пролонгира. Исто така овој закон нема да биде во фокусот на вниманието барем додека трае одблежувањето на Илинден и потпишувањето на договорот за добрососедство со Република Македонија што ќе бидат два жешки политички костени за власта во наредните денови.
- Владата на синоќешната седница ја отвори дебатата за усвојување на Предлог-Законот за употреба на јазиците. По првичната дискусија било утврдено дека е потребна понатамошна координација со цел да се постигне усогласување за начинот на имплементација на законското решение за употреба на јазиците односно да се доутврдат надлежностите кои би произлегле од законот во однос на двата органи кои ќе треба да се оформат: Агенцијата за примена на јазиците како и Инспекторатот за употреба на јазици. Предлог Законот за употреба на јазиците по утврдување на наведеното ќе биде ставен повторно на дневен ред на некоја од наредните владини седници, соопшти владината прес-служба.
Политичка желба на албанските партии во владината коалиција е законот да биде изгласан пред локалните избори во октомври, а Зијадин Села дури посочи и дека е подготвен да излезе од власта ако рокот не биде испочитуван. Од друга страна пак, ДУИ постојано информира дека законот мора да биде усогласен според сите меѓународни стандарди за успешно да биде применет и изгласан со консензус.
