Жерновски поднесе претставка до Судскиот совет: Како портпарол на Влада располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапка?
Андреј Жерновски преку објава на социјалните мрежи информира дека поднесува претставка до Судскиот совет, откако, како што наведува, портпаролката на Владата јавно соопштила „исход“ од судска постапка која сè уште е во тек.
Тој оценува дека изнесувањето информација дека „жалбата против претседателката е одбиена како неоснована“ е сериозно и скандалозно, бидејќи, според него, второстепена одлука од Вишиот управен суд сè уште не е донесена.
„Прашањето е едноставно: како портпарол на Владата располага со информации за тековен судски процес во кој не се јавува како странка во постапка?“, наведува Жерновски.
Тој додава дека конкретната судска постапка не се води против Владата, туку против претседателот на државата, и прашува како е можно да се изнесуваат податоци за првостепена одлука, поднесена жалба и нејзина наводна неоснованост во услови кога постапката не е правосилно завршена.
Жерновски смета дека ваквите информации можеле да бидат добиени единствено директно од судот и дека тоа, како што наведува, укажува на недозволиво мешање на извршната во судската власт, спротивно на уставните принципи на поделба на власта и владеење на правото.
„Политичка и судска одговорност за овој скандал мора да има. И ќе има“, порачува Жерновски во статусот.
