Жерновски: Можевме да добиеме многу повеќе пари од ЕК ако беа исполнети реформите
Поранешниот заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски се огласи по веста дека Европската комисија одобрила пакет од помош од 65,7 милиони евра со коментар дека тоа се многу помалку пари во однос на тоа што земјата би добила доколку би биле исполнети бараните реформи.
„Читам, Муцунски зборува за “потврда за посветеноста на Владата“, иако (би сакал да верувам) знае дека ЕК не оценува „посветеност“, туку реализирани мерки, исполнети рокови и конкретни резултати.
Владата се пофали со 65,7 милиони евра од Европската Унија во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. Но ако внимателно се прочитаат официјалните документи на Европската комисија, станува јасно дека Брисел испраќа многу поинаква порака: парите не се исплаќаат за политички ПР, туку само за исполнети реформи.
Фактите се прецизни и проверливи.Македонија треба да добие вкупно 750,4 милиони евра за периодот 2024–2027, но тие средства се исплаќаат постепено и строго условено со реализација на конкретни реформски обврски.
Во првиот циклус на оценување, Европската комисија констатирала дека Македонија целосно реализирала само 2 од 5 реформски чекори. Тоа е реализација од само 40%.
Поради тоа, од предвидените околу 17,1 милиони евра за таа фаза, веднаш биле ослободени само околу 8 милиони евра- односно приближно половина од средствата. За останатите обврски, Европската комисија дала дополнителен рок до декември 2026 година.
Ова е суштината што Владата ја премолчува. Македонија не успева да ги повлече сите расположливи средства поради бавна и нецелосна реализација на реформите.
И самата Европска комисија јасно наведува дека исплатите се вршат исклучиво „во однос на исполнети платежни услови“ и врз основа на конкретни резултати од Реформската агенда.
Па така, во вкупен износ, над 200 милиони евра од ЕУ остануваат неповлечени, со што главното прашање денес не е колку пари пристигнале.
Главното прашање е: Колку средства Македонија НЕ успева да ги добие поради слабата реализација на реформите?“, коментира опозиционерот од редовите на СДСМ.
Европската комисија соопшти дека става на располагање 65,7 милиони евра за нашата држава во рамките на Инструментот за реформи и раст, што претставува највисок износ во регионот во споредба со 49 милиони евра за Албанија и 44,2 милиони евра за Црна Гора, објави претходно министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на социјалните мрежи.
Слично
