Жерновски два месеца недостапен - Ова се прашањата на кои нема одговор
Редакцијата на Фактор речиси два месеца не успева да добие никакви одговори од градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски за прашања кои се од суштинско значење за јавноста, но и на кои секој одговорен политичар е должен да одвои дел од своето време и да се обиде да даде соодветен одговор.
Жерновски одбива да даде одговор дали ги разочара очекувањата на гласачите за ревизијата на проектот Скопје 2014 што имаше централна улога во неговата кампања. Од 2009-та до денес освен стопирањето на изградбата на Шпанските скали ниту еден објект не доби ревизија или пренамена, ниту пак беше спречено трошењето на буџетските пари за проект кој жестоко беше критикуван од архитектската заедница.
Жерновски не дава ни одговор дали има и каква е долгорочната стратегија за справување со аерозагадувањето, секако во рамките на неговите надлежности.
Жерновски нема време да одговори дали планира да се кандидра за втор мандат и со чија поддршка, има ли несогласување и дистанцирање со СДСМ?
Жерновски како припадник на поширокиот опозициски фронт често ги критикуваше партиските вработувања во државните институции, но нема одговори на критиките дека општинската администрација на Центар има многу кадри кои потекнуваат токму од партија?
Жерновски нема одговор и дали изградбата на втората Боемска улица која вреди над 700.000 евра е толку неопходен проект во време кога ја се критикува власта на ВМРО-ДПМНЕ за неоправдано трошење буџетски пари.
Доста моќно беше декларирано дека дел од новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ е дивоградба, па не интересира каде се багерите за евентуално рушење на истата.
Ова се само дел од прашањата во кои нема никаква доза на провокација, ниту пак претенциозност. Често провладините медиуми не го оставаат Жерновски да дише на раат и водат медиумски хајки против градоначалникот за различни спорни моменти иако многу од нив се недокажани или чаршиски муабети за кои нема цврсти докази. Но, можеби со ваквиот приказ на нетранспарентност и не е чудно што Жерновски им е омилено жртвено јагне.
Мандатот на Жерновски е пред својот крај, нема сомнежи дека започна доста енергично и со високи очекувања и неколку успеси на патот, но и со многу поголеми ветувања дека нештата поинаку ќе се раководат. Крајот треба да го краси делото, па дури истото и да било под очекувањата на „публиката“, но прашање е дали оваа приказна заслужува ново „поглавје“.
