Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖЕНАТА ВО ИСТО ВРЕМЕ Е И НЕЖНА И СИЛНА, НО НЕ СЛАБА - Лукаревска со силна порака од маршот во Прилеп

ЖЕНАТА ВО ИСТО ВРЕМЕ Е И НЕЖНА И СИЛНА, НО НЕ СЛАБА - Лукаревска со силна порака од маршот во Прилеп

Осмомартовскииот марш на жените од СДСМ во Прилеп донесе значајни пораки. Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, рече дека жените мора да останат гласни, во името на оние кои тоа не можат да го сторат.
„И бевме и ќе останеме гласни во име на сите оние кои не можат тоа да го сторат. Зашто Осми март е историски ден за сите жени.

Токму во Прилеп, од градот-херој, сакам да ги поздравам и да им се поклонам на сите храбри девојчиња, девојки, жени кои се гласни против насилството. Оние кои не знаат каков од низ пеколот е тоа, нека замолчат. Оние кои навистина сочувствуваат, нека застанат спроти насилникот. Храбри девојчиња, девојки, жени - ја имате мојата поддршка, ја имате мојата прегратка.

Ниту стравот, ниту молкот не се опција. Не е опција ниту зборувањето напразно.

Затоа, ги повикувам сите жени, без разлика на сите наши разлики, заедно да му се спротивставиме на овој погубен говор на омраза. Да дадеме пример како не мора исто да мислиме, но можеме достоинствено да разговараме. Борбата за права на жените е борба за правата на сите, борба која преку правичноста како средство, ќе не доведе до крајната цел – еднаквоста.Да го намалиме тој јаз е наша обврска, наша должност. Само со колективна акција ќе ги продолжиме промените, ќе ја градиме еднаквоста и ќе изградиме свет во кој ќе нема место за говор на омраза, за сексистички пораки кон женитe.

Жената во исто време е и нежна и силна. Нежна, не слаба. Силна, не агресивна. На овој свет, нашиот свет, во кој се во „мртва трка“ страшните и лажните вести, навистина на сите ни е потребна искрена прегратка, прегратка на еднаквост и правичност“, рече Лукаревска.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски рече дека жените се поим за храброст, истрајност, мудрост, моќ, љубов. 

„На нашата држава и се потребни моќни жени како што се потребни и на светот. До сите жени во политиката, во бизнисот, во институциите, на нивите, во лекарските ординации, во медиумите, во училниците, во фабриките, во културата - бидете гласни и активни!

Градиме општество кое е еднакво за сите, а родовата еднаквост е една од врвните приоритети на оваа Влада. Вистинска демократија претставува родова еднаквост во сите сфери на живеењето. Можеме да успееме само заедно и заедно сме во борбата за економска, политичка и социјална рамноправност и прогрес! Еднакви и моќни жени е перспектива. Да, за еднакви и моќни жени!“, рече премиерот Ковачевски.

Слично

Поврзани вести