Жената не е содржина за „ТикТок“: Случајот со тетовскиот анестезиолог повторно ја отвора најболната тема – кој ја штити приватноста на пациентките?
Случајот со анестезиологот Ваљтон Дервиши од тетовската болница, кој незаконски снимаше пациентки на Гинекологија и објавуваше содржини на „Тикток“, повторно ја вознемири јавноста откако се појавија информации дека се очекува негово враќање на работа. Овој случај не е само правно прашање. Ова е прашање на достоинство, доверба, безбедност и основна човечка заштита на жените во еден од најранливите моменти – кога се пациентки.
Според информациите, Дервиши бил уапсен и осуден поради неовластено снимање на пациентки и медицински персонал на гинеколошко одделение, како и поради објавување дел од снимките на социјалната мрежа „Тикток“. Подоцна, во судските постапки, дел од мерките и обвиненијата биле променети, а било оценето дека нема доволна правна основа за трајно одземање на неговата лиценца.
Но, токму тука почнува суштинската дилема: дали е доволно нешто да биде „правно возможно“ за да биде морално прифатливо?
Лекарската комора за Женски магазин потврдува дека против д-р Дервиши била водена постапка пред органите на Комората поради повреди од Кодексот на медицинската деонтологија. Првично, Првостепениот совет на Судот на честа му изрекол мерка времено одземање на лиценцата за работа во траење од седум години, но таа одлука не станала правосилна поради жалба и нови докази. Во повторената постапка, по нова судска пресуда со која казната била намалена на три месеци затвор и парична казна, без посебна мерка забрана за вршење дејност, Комората донела нова одлука – времено одземање на лиценцата во траење од шест месеци. И на оваа одлука докторот повторно поднел жалба, по која сè уште се постапува.
Од Комората јасно наведуваат дека трајно одземање лиценца, според Законот за здравствена заштита, е предвидено ако со правосилна судска одлука се утврди стручен пропуст или грешка што предизвикала трајно нарушување на здравјето или смрт на пациент. За етички прекршок, како што посочуваат, не е предвидено трајно одземање лиценца.
И токму ова е најстрашниот дел од приказната за пациентките: системот признава дека довербата е нарушена, но истовремено признава и дека нема доволно силен механизам за трајна заштита во вакви случаи.
Ова не е обичен дисциплински пропуст. Ова не е административна грешка. Ова е снимање жени во здравствена установа, во простор каде што пациентките мора да имаат апсолутна доверба дека нивното тело, нивната приватност и нивната ранливост се заштитени. Гинеколошко одделение не е јавен простор. Болничка соба не е сцена. Пациентка не е материјал за социјални мрежи.
Лекарската комора во одговорот признава дека случајот ја нарушува довербата на пациентите и дека тој аспект бил земен предвид кога била поведена постапка против докторот. Но, истовремено посочува дека прашањето за построги мерки за нарушување на приватноста излегува надвор од нејзините надлежности и дека е потребна поширока јавна дебата водена од надлежните институции.
Таа дебата не смее да остане само „потребна“. Таа мора да се случи веднаш.
Од канцеларијата на Народниот правобранител не возвратија со одговор на нашите прашања, но затоа пак Адвокатката Катерина Котеска Стисниовска во својата изјава оценува дека лице кое направило пропуст во работењето и признало дека постапувало противзаконски, грубо занемарувајќи ги работните обврски, не треба да се врати на истото работно место. Таа посочува дека иако одлуката ја носи судот, казната мора да има и специјална и генерална превенција – односно да делува воспитно и за останатите членови на општеството.
Нејзината оценка отвора суштинско прашање: што им порачува системот на жените кои биле снимани, ако лицето што признало вина повторно може да се врати во истата средина, меѓу пациентки?
Во вакви случаи, правдата не се мери само со должината на казната. Се мери и со чувството на безбедност кај жртвите. Се мери со тоа дали пациентките повторно ќе имаат храброст да влезат во болница без страв дека нивната приватност може да биде злоупотребена. Се мери со тоа дали жените ќе веруваат дека системот е на нивна страна, а не дека ги остава сами по скандалот.
Котеска Стисниовска посочува дека кај здравствените работници и прекршувањето на кодексот на професионално однесување мора да се санкционира, а судовите треба со посебно внимание да ги определуваат казните при вакви дела, поради заштита на јавниот интерес и довербата на пациентите во системот. Таа нагласува дека пациентите, соочени со здравствени проблеми, имаат право на најдобра здравствена грижа, а државата има обврска внимателно да ги создава и контролира здравствените капацитети.
Овој случај мора да биде аларм. Не само за болницата во Тетово. Не само за Лекарската комора. Не само за судовите. Туку за целиот здравствен систем.
Жените кои биле снимани не смеат да бидат заборавени во лавиринтот на жалби, пресуди, преквалификации и институционални ограничувања. Тие не се фуснота во предмет. Тие се пациентки чие достоинство било повредено. И државата има обврска да покаже дека нивната приватност вреди повеќе од формално исполнување на минимумот во законските процедури.
Затоа прашањето веќе не е само дали анестезиологот може да се врати на работа. Прашањето е дали жените можат да се вратат со доверба во институциите што требало да ги заштитат.
Ако здравствениот систем не може јасно да каже дека снимање пациентки и објавување на социјални мрежи е црвена линија по која нема враќање на истото место, тогаш проблемот не е само во еден лекар. Проблемот е во целиот систем што сè уште не разбрал дека достоинството на пациентката не смее да биде предмет на компромис.
ИРЕНА СТАВРОВА
