ЖЕНА ВО ДИРЕКТОРСКОТО СТОЛЧЕ НА ОТА: Во Агенцијата е од основањето, еве ги деталите
Марија Јаническа, дипломиран правник од Скопје ќе биде директорка на Оперативно-техничката агнеција (ОТА). Предлогот, Јаническа да седне во директорското столче веќе е доставено до пратениците, а како што е образложено во документот доставен пред пратениците, нејзиниот избор го направиле членовите на Комисијата за прашања на избори и именувања на Собранието на 9 ноември. Новата директорка, Јаническа е родена 1978 година во Скопје и е државен советник за општи работи во ОТА.
Како што е посочено, за директорското столче на ОТА се пријавиле дури 21 кандидати.
За потсетување, одлуката за објавување оглас за избор на нов директор на ОТА, Собранието ја изгласа на 5 септември, два дена пред истекот на петгодишниот мандат на претходниот раководител Зоран Ангеловски.
- Професионалната кариера ја грдам како правен експерт, раководител и државен советник во приватниот и јавниот сектор, работејќи на имплементација на значајни проекти во областа на електронските комуникации, правосудството, безбедносниот систем, заштитата на приватноста, како офицер за заштита на личните податоци, учествувајќи во спроведување на деловните потфати при спојување, аквизации и основање организации од областа на телекомуникациите, како и во различни проекти за дигитална трансформација. Стекнатото стручно знаење, искуство, желбата и поривот за придонес кон јавниот интерес и заедницата, ги пренесувам во Оперативно техничката агенција (ОТА), како професионалец, самостоен и независен државен орган со надлежност во телекомуникациската дејност, безбеднсота и правосудството, каде работам од нејзините почетоци како државен советник – напиша новата директорка на ОТА во дописот доставен заедно со докумените за учество на повикот за изборот на директор. Таа исто така посочува дека е носител на важечки НАТО безбедносен сертификат, како и на националниот сертификат со степен „Државна тајна“.
За потесетување, ОТА настана по скандалите со преслушкувањето, и по објавувањето на многубројните „бомби“, или снимени разговори меѓу тогашните владини претставници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, врз основа на кои дел и завршија зад решетки. По промена на власта, се формираше ОТА која всушност ја презеде и опремата за следење на комуникациите со која дотогаш располагање Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Поентата на промените беше да се спречат повторни злоупотреби на системот, и масовни преслушкувања, или пак, нивно неовластено објавување или користење.
Согласно законските измени, ОТА иако е самостоен државен орган, не е во можност да ги слуша и нема право на пристап до содржината на следената комуникација. Имено, ОТА е задолжена да ги следи комуникациите само ако има судска наредба, заради кривични истраги или заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.
П.О.
Фото: Clique Images on Unsplash
