Жена од Самоков се породила во амбулантно возило
Жена од Македонски Брод се породила во амбулантно возило.
Мирјана Стојческа од селото Самоков својата ќерка ја родила во болничко комбе на пат кон Прилеп, каде требала да се породи. Ова го потврди Жарко Симески, директор на Здраствениот дом во Македонски Брод.
-Во понеделникот рано наутро околу 04:20 часот примен е повик од Самоков за да се транспортира бремена жена со породилни болки до Прилеп. Но, по сместувањето во болничкото комбе жената добила силни породилни болки и породувањето било неминовно да се изврши во самото комбе. Поради овие симптоми со асистенција на докторот Александар Ристески и сестрата Елена Иваноски породувањето е успешно извршено, а мајката Мирјана на свет го донела своето четврто дете, ќерката Ева и наместо со родилка, за Прилеп се упатиле персоналот од првата помош и мајка со новороденче“, изјави Симески.
Рече дека и новороденчето и мајката се во добра здраствена состојба и вчера се пуштени дома.
Уште поинтересен е случајот од пред пет години кога бремена жена со породилки на минусни температури и на снег од половина метар пешачела со својот сопруг од село Косово до Самоков цели седум километри, од каде ги презема амбулантно возило и ги транспортира до кичевска болница.
