ЗЕМЕНИ СЕ МОСТРИ: Кумановци да не ја пијат водата, а браната Липково се избиструва
Дел од градот Куманово е без вода за пиење, а ќе ја има после проверките на три независни лаборатории.
Поголем дел од Куманово нема вода за пиење, информираа денеска надлежните од Јавното претпријатие (ЈП) Водовод. На денешната прес-конференција по завршување на седницата на Општинскиот кризен штаб беше кажано дека ќе се преземат сите мерки за надминување на состојбата, но дека за безбедноста на водата ќе се почекаат резултатите од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово. Дополнително, и екипите на Водовод ќе извршат проверки како и уште една независна лабораторија. Во меѓувреме од кумановското Водостопанство информираа дека по вчерашните врнежи, браната Липково полека се стабилизира.
Директорот на ЈП Водовод Куманово, Оливер Стојмановски вели дека нема место за паника.
„Иако излезе информација дека водата не е безбедна за пиење, тоа е непотврдена информација, затоа што чекаме информација од Центарот за јавно здравје кој има земено мостри од локации. Од наша страна, исто така имаме земено мостри. Во меѓувреме, известивме независна приватна лабораторија која исто така ќе земе мостри. Нема место за паника. Нашите стручни служби реагираат навремено. Ова е ситуација што не зависи од ЈП. Се надеваме дека за релативно брзо време водата што доаѓа во доводот на филтер станицата ќе биде со задоволителна матност“, изјави Стојмановски.
Во оние делови од градот каде што има вода, може да се користи како техничка, претходно превриена. Вчера имаше невреме во Липково каде настанаа штети на земјоделските култури и овошките.
foto freepik.com/alex79zpua
