ЗЕЛС: За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка
Заедницата на единиците на локалната самоуправа(ЗЕЛС) бара оставка од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Градот има проблеми со хигиената, но и јавниот превоз.
„ЗЕЛС е подготвенa да предложи и измени на законски решенија за да може да се одземат ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, доколку таа не поднесе оставка на функцијата“, изјави денеска претседателот на ЗЕЛС Орце Георгиевски.
Додаде дека барањата на градоначалничката Данела Арсовска во пракса нема ништо да променат.
„За жал скопјани се заложници во моментов на еден човек кој има проблем со себе и на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себеси и да си го најде проблемот во себе. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка“, рече Георгиевски.
На почетоков на месецот градоначалниците на скопските општини и претставници на ЗЕЛС побараа од Арсовска да понуди план за решавање на низа проблеми во градот, вклучително и за јавниот превоз и за хигиената во градот.
Арсовска денеска упати отворено писмо до премиерот Христијан Мицкоски да помогне за набавка на нови автобуси.