Зеленски го одликуваше и Митко Јанчев со орден за поддршката за Украина
Градоначалникот на Oпштина Кавадарци, Митко Јанчев се најде на листата одликувани личности со орден за заслуги од трет степен, од украинскиот претседател Володомир Зеленски.
Оваа, но и неколку други државни награди, се доделуваат за значаен придонес во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, добротворната дејност, како и за популаризацијата на државата во светот.
Во 2022 година, Јанчев донираше генератор за струја за градот Буча, кој е збратимен со Кавадарци. Воедно, тој испрати над 175.000 литри вода во Украина. Јанчев овозможи годинава деца од Украина заедно со нивните наставници да одмораат во Михајлово.
Зеленски во неделата ги одликуваше хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и министерот Гордан Грлиќ Радман за нивниот значаен придонес во поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина.
По повод Денот на независноста на Украина, Зеленски објави список од околу двесте странски функционери на кои им додели медали од различни категории.
