Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗЕЛЕНЧУКОТ СО ГЛУШЕЦОТ Е ПОВЛЕЧЕН - АХВ ќе прави контроли на сите производи од таа фирма

ЗЕЛЕНЧУКОТ СО ГЛУШЕЦОТ Е ПОВЛЕЧЕН - АХВ ќе прави контроли на сите производи од таа фирма

Пакувањата со замрзнат зеленчук, каде еден наш сограѓанин пронајде глушец, се повлечени од продажба.

Тоа сега го соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

А интересно е и објаснувањето оттаму за повлечениот зеленчуков микс.

„Поради сомнеж за физичка контаминација ( присуство на страно тело – глушец) во замрзнат зеленчуков микс ‚Сани фантази- Царски микс' по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава. Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на  цела држава“, се вели во соопштението од АХВ.

Фактор веќе објави дека еден наш сограѓанин преку својот фејсбук профил ја објави вознемирувачката глетка која ја содржи пакувањето со смрзнат зеленчиков микс. 

Од АХВ велат дека директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николе Бабовски потенцирал дека АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување.

„Агенцијата за храна и ветеринарство  ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да  ја известат АХВ“, велат од оваа институција за контрола на храната.

А додаваат и наместо на фејсбук, граѓаните кај нив да ги пријавуваат овие случаи.

„За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка. Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции. Ги потсетуваме граѓаните дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, писмено, електронски на info@fva.gov.mk и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22“, се вели во соопштението од институцијата со која директорува Николче Бабовски. 

Слично

Поврзани вести