Зелен хуман град: Во дворот на МВР нелегално се сечат дрвја
Иницијативата „Зелен хуман град“ алармира дека во дворот на МВР се врши нелегална сеча и кастрење на дрвја.
Според нивните наводи, станува збор за повеќегодишни и здрави дрвја, а интервенцијата била извршена без соодветно решение од Град Скопје, кое согласно Законот за урбано зеленило не смее да биде постаро од 30 дена.
– Сечењето е извршено без валидно одобрение, со што се прекршуваат законските процедури – тврдат од „Зелен хуман град“.
Дополнително, посочуваат дека при интервенцијата била оштетена оградата околу МВР, како и дека била турната жица за пренос на електрична енергија, која, според нив, останала небезбедно поставена речиси еден ден, со што била загрозена безбедноста на минувачите.
-Скопје, во ситуација на екстремна загаденост и ужасен квалитет на воздухот НЕ СМЕЕ да си дозволи понатамошно уништување на урбаното зеленило во градот. Особено е недозволиво кога тоа уништување се прави на здрави дрвја, без разумна причина и противзаконски од страна на институцијата која е надлежна за спроведување на законите. Што мислите, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе реагира?! Навистина ни е мило што граѓаните го сметаат ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за политички субјект од доверба кој континуирано се грижи и залага за подобрување на нивниот секојдневен живот и ги претставува нивните интереси во институцииите на системот. Воедно, ги охрабруваме да продолжат да нѐ информираат за вакви настани во иднина зашто се покажало дека јавниот притисок е единствен начин за нешто макар и минимално да функционира во овој распад - велат оттаму.
Тие упатуваат повик до надлежните институции, особено до Министерството за животна средина и просторно планирање, да го испитаат случајот и да постапат согласно законите.
