Зелен Хуман Град ќе ја поддржи финансиската помош во Советот на Град СКопје за Општина Чаир за проширувањето на главниот булевар Цветан ДИмов, но само ако, како што велат од таму, постои изработен проект.
Околу 2,5 милиони евра или 150 милиони денари ќе чини проширувањето на улицата Цветан Димов во Чаир. Град Скопје и Општина Чаир ќе потпишат договор за меѓуопштинска соработка за старт на проектот за проширување на оваа делница, која е тесно грло во градот.
Во договорот за меѓуопштинска соработка, кој треба да биде усвоен на утрешната седница на Советот на Град Скопје, се вели дека Град Скопје во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со средства во висина од 150.000.000 денари со вклучен ДДВ, обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Се предвидува 5.000.000 денари да бидат обезбедени од буџетот за оваа година, 55 милиони денари во 2027 година и 90 милиони во 2028 година. Градот ќе учествува и во решавањето на имотно-правните спорови.
„Само годината е различна во овој пост што сме го објавиле во 2023. И парите, денес се 10 милиони денари повеќе или вкупно 150 милиони.
Веќе втора седница по ред се бара од советниците да изгласаат фантастични 140 милиони денари за изградба на улицата Цветан Димов во Општина Чаир за која НЕМА јавно достапен проект, туку допрва треба да го прави (ревидира) Општина Чаир?! 140 милиони денари се 20% од буџетот на Град Скопје за улици и патишта за 2023 г.! Дополнително, ќе се трошат јавни пари за експропријација, а тоа во овој момент немаме информација колку ќе чини.
На лошата практика да се бара од советниците да гласаат за изградба и реконструкција на улици во Скопје за кои никој не го видел проектот по кој ќе се работи мора да ѝ дојде крај!
Ќе го поддржиме спроведувањето на овој предлог само ако прво јавно се објави проектот по кој ќе се работи за да се осигураме и ние и целата јавност дека повеќедеценискиот дрворед на таа улица ќе остане нечепнат, дека коловозните ленти ќе бидат со максимална ширина од 3 м, како и дека ќе има соодветна и функционална пешачка и велоинфраструктура, инклузивно испланирана да ги задоволи потребите на лицата со попреченост и на сите ранливи категории на граѓани“,велат од ЗХГ.