Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА – Д-р. Ирина Бухова: Посакувам внуката да не ме заборави и да ме препознае на првата вистинска средба без маски и во живо

ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА – Д-р. Ирина Бухова: Посакувам внуката да не ме заборави и да ме препознае на првата вистинска средба без маски и во живо

Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања од следната година.

Д-р. Ирина Бухова, директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат вели дека годината што изминина за неа претставува година за паметење и на професионален план и дома.

-Не сум од оние кои велат дека сакам да ја заборавам, оти оваа година беше предизвик, добар тест за моите способности и професионални можности. Ретка е можноста во времето во кое живеете да ве затекне пандемија, особено во ова современо време, кога модерната медицината може и  решава многу болести. Во оваа пандемија сите презедоа дел од товарот, граѓаните затворени , со маски, дистанцирани социјален живот, страв , исчекување, ние лекарите дополнително носиме и друг товар, да спроведуваме мерки, протоколи и да лекуваме  пациенти. Го извлече од нас професионалниот максимум но, ни даде можност од нас да излезе најдоброто алтруизмот и емоциите. Имаме измешани чувства, на страв и тага, но и на радост и очекување за подобро утре.

Годинава ме научи да ги почитувам и секундите на радост кои ми ги приредува внуката кога ја гледем на Вибер, и да се убедувам дека сепак нема да ме заборави и ќе ме препознае на првата вистинска средба без маски и во живо. Едниот син живее во Виена, сега веќе ретко се гледаме, но верувам дека следните празници по Короната повторно целото семејтво ќе се собере на едно место.  А, со другиот син, кој навистина многу се труди, ги надополнуваме сите други животни предизвици.  За мене уште важи онаа старата, „ каде и да си, за Божик дома да си“. Се радувам на деновите пред нас, да ја вратиме традицијата  на семејното дружење, на мирисот на домашната кујна и да си посакаме убави мали нешта. Посакувам за сите и во следната година да го дадеме најубавото од нас. Среќни празници, а празнувај одговорно, вели д-р. Бухова за Фактор.  


Слично

Поврзани вести