Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА – Академик Жан Митрев: Посакувам да се вратиме во ,,старата нормала“ без страв од гушкање и седење во иста просторија со блиските

ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА – Академик Жан Митрев: Посакувам да се вратиме во ,,старата нормала“ без страв од гушкање и седење во иста просторија со блиските

Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања од следната година.

Академик Жан Митрев, сопственик на приватната здравствена установа „Жан Митрев Клиника“ смета дека секоја криза поминува, и дека не треба да ја избегнуваме или игнорираме, напротив, да ја употребиме како отскочна даска за понатамошни промени.

Вообичаено е во овој период од годината да подзастанеме и да направиме ретроспектива. Да се потсетиме на нашите успеси и грешки, на целите кои сме си ги поставиле себе си и на другите. Да помислиме на ветувањата. Оние кои сме ги исполниле, но и оние кои сме ги прекршиле. И секако да посакаме нови желби, да си поставиме нови цели. Во оваа 2020 година полна со предизвици имаше од се по нешто. Најмногу неочекувани пресврти, кои не соочија со новата реалност и фактот дека некои работи ги земаме здраво за готово, а лесно можеме да ги изгубиме. Пандемијата неповратно го измени нашето размислување за животот и нашите секојдневни приоритети.

Дали догодина повторно ќе се вратиме на некогашниот начин на живот и плановите за иднината?

Нормално е да не измачуваат овие егзистенцијални прашања, бидејќи сите ние сме луѓе и како такви сме сведоци на реакции на пандемијата на повеќе нивоа истовремено: во глобални рамки, на национално ниво, на локално, но и на лично во склоп на нашиот колектив или семејство. Секојдневната борба со глобалнаta пандемија уште трае. Се бориме со вирусот веќе 9 месеци, секојдневно, а исходот од борбата е сеуште неизвесен. При тоа не постои упатство за употреба при криза бидејќи секоја има свои единствени карактеристики и бара различен пристап од било која претходно. А нема време за претходни подготовки.

Кинескот збор за криза содржи два знака едниот означува опасност, а другиот можност.

Во време на криза ништо не е поважно од грижата за своите вработени. Треба да се ставите во нивна ситуација. Луѓето сакаат некој на кој ќе се потпрат, а не некој кого ќе треба да го тешат. Мора исто така да бидете позитивни и реални. Тенка е линијата на баланс, хаосот треба да биде ставен под контрола. Тоа е реално полесно да се каже отколку да се направи. Овде не зборувам за слеп оптимизам туку едноставно да запомниме дека секоја криза поминува. Не треба да ја избегнуваме или игнорираме, едноставно треба да ја употребиме како отскочна даска за понатамошни промени. Кризата е секогаш шанса за да преземеме одговорност и да направиме подобро. Ние пред 20 години го започнавме нашето патување со визија за воведување на висококвалитетни здравствени услуги во Македонија. Напредувавме полека, но сигурно и докажавме дека не е важно каде си, туку каков си. Оваа година бевме едни од ретките борци кои се осмелија во време на пандемија да поминуваат ригорозни проверки и ја добивме втор пат по ред акредитацијата од JCI. 2020 беше долга и значајна година за нас, бидејќи од нас се бараше да се прилагодиме брзо, но успеавме. Посветеноста, истрајноста и континуитетот во работата на целиот тим придонесоа да се реализираат нашите цели. Можеби не онака како што беше планирано, но сепак успешно. Новата година е нова шанса, нова можност за да направиме повеќе и подобро, да дадеме уште, да сакаме посилно. Да се отвориме за нови авантури и нешта кои претходно не сме ги правеле. Во следната година посакувам вирусот COVID-19 да биде минато и да се вратиме во ,,старата нормала,, без страв од гушкање и седење во иста просторија со блиските. Затоа мојата новогодишна желба до Вас е едноставна: Ви посакувам на сите вас и вашите сакани Среќни празници, да ве држи добро здравје и расположение и следната 2021 да биде поспокојна, пообична и попредвидлива од оваа, вели д-р. Митрев за Фактор.


Слично

Поврзани вести