ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА - Стево Пендаровски: Од оваа криза да излеземе уште посилни, поорганизирани и посолидарни
Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања од следната година.
Стево Пендаровски е претседател на Република Северна Македонија. Во годината која ја оставаме зад нас, шефот на државата беше исправен пред тешки одлуки, бидејќи, како што вели за Фактор, здравствената криза беше тешка и ги зафати и другите сектори на општетството. За идната година, за чии старт е најавена и вакцинацијата, посакува да влеземе во фаза на постепено враќање во нормала, но дотогаш, како што порачува, сите мора да ги почитуваме мерките на заштита. Пендаровски укажува дека поуките мора да ги извлечеме и системот да го поставиме на здрави основи, и од оваа криза да излеземе уште посилни, поорганизирани и посолидарни.
„Зад нас оставаме многу тешка година во која се справувавме со пандемијата на КОВИД-19 која предизвика криза на здравствениот систем, а значително ги зафати и другите сектори на нашето општество.
Со почетокот на новата 2021 година и најавената вакцинација, посакувам да влеземе во нова фаза за стабилизирање на состојбата и враќање во нормала. Дотогаш, апелирам да бидеме одговорни и да се почитуваат препораките за заштита од коронавирусот. Дали и колку бргу ќе се подобрува состојбата, во голема мера зависи и од самите нас.
Заеднички да дадеме придонес во надминувањето на негативните последници од годината што измина. Да извлечеме поуки од нашите системски слабости и да работиме на нивно надминување. Да ги поставиме на здрави основи сите делови од системот коишто потфрлија, затоа што никој не знае какви предизвици не чекаат во иднина. Од оваа здравствената криза треба и мора да излеземе уште посилни, поорганизирани и посолидарни.
Во годината што ни претстои, со конструктивна дебата да ги надминуваме различностите, да градиме конзензус за општество на солидарност во кое има место за секој, праведно и инклузивно општество“, вели шефот на државата, Пендаровски за Фактор.
