Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зекири, Забрчанец и Митевска ќе помагаат Македонија да има поголема поддршка од навивачите на ЕП

Зекири, Забрчанец и Митевска ќе помагаат Македонија да има поголема поддршка од навивачите на ЕП

Мухамед Зекири, генералниот секретар на Владата и неговиот заменик Тахир Хани, како и Марјан Забрчанец, владиниот национален координатор за комуникации и Силвија Митевска и Ѓорѓи Тасев, советниците за спорт, односно за млади и младински политики, на премиерот Зоран Заев, се вклучени во Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал. 

Списокот на членови е објавен во Службен весник како одлука на владина седница преку ова тело да се обезбеди поддршка при организацијата, комуникацијата и промоцијата на настапот на фудбалската репрезентација на Европското првенство во фудбал. Од Владата таму се уште и Пеце Мирчески, директорот на Служба за општи и заеднички работи на Владата и Љупчо Димитровски, раководител на одделение исто во СОЗР.

Веќе е познато дека со ова членство ќе претседава директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, кој вели дека првенствено на ова тело задачата ќе му биде да обезбеди логистичка поддршка за навивачите.

- Ние ќе се обидеме да обезбедиме што е можно повеќе „коридори“ за нашите навивачи да отпатуваат во Букурешт, односно да обезбедиме што е можно поголема навивачка поддршка за нашите фудбалери на Европското првенство, во смисла на тоа тие полесно да дојдат до билети, да има повеќе места за нив и да може непречено да се задржат. Знаеме дека нашата земја е на „црната  листа“ кога станува збор за пандемијата и тоа може да предизвика тешкотии, вели Мојсовски.

Меѓу останатите членови на телото се и Авни Рустеми, заменик-директорот на Агенцијата за млади и спорт; Саше Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност при Министерство за внатрешни работи, Михаела Веселинов, директор на Сектор за дипломатски протокол при Министерство за надворешни работи.

Од Фудбалската федерација на Македонија пријавен е генералниот секретар Филип Поповски, иако во последно време Агенцијата за млади и спорт и ФФМ предводена од Мухамед Сејдини не се во добри односи.

- Фудбалската федерација го пријави Поповски како свој претставник, но досега тој нема учествувано на состаноците, изјави Мојсовски.

Членови се уште и Даниел Димевски и Владимир Богоевски, раководителите на Олимпискиот комитет, како и Омер Буњаку и Изет Ризаху, едниот советник за спорт а другиот државен секретар во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Од останатите, учествуваат уште Зоран Стерјовски и Бесник Шуки, како новинари на МИА и Драган Николовски и Анета Андонова од МТВ.

А.К.

Слично

Поврзани вести