Зекири: Во новиот закон нема да има можност за истополови бракови
Мухамед Зекири, потпретседателот на СДСМ, со свој коментар демантираше дека со новиот закон за Заштита од дискриминацијата ќе се отвори можност за истополови бракови во Македонија. Како главната новина во измените е тоа што се додава и сексуалната ориентација како основ за дискриминација.
„Јас не сум било кому да се ускратуваат права, но сум против хомосексуални бракови и се противам овие парови да посвојуваат деца. Меѓутоа, такво нешто овој закон не предвидува.“, коментира Зекири во разговор за „Призма“.
Пратеничката Јагода Шахпаска денеска најави дека законското решение ќе биде изгласано за брзо време. Според неа, Законот за спречување и заштита од дискриминација ќе биде изгласан во Собранието до средината на март. Претходно Комисијата за труд и социјална политика во Собранието ќе заседава ќе ги заврши сите свои обврски поврзани со овој закон.
- Со измените, за прв пат како основи за дискриминација се воведуваат сексуалната ориентација и родовиот идентитет.Се додава и нов облик на дискриминација со кој треба да се справуваме а тоа е сегрегацијата. Измените ќе ги прошират надлежностите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во насока на превенција. Новиот Закон предвидува јасни критериуми за избор на членови на Комисијата, кој ќе добијат статус на функционери, со цел да се професионализира Комисијата. Истовремено, од судски трошоци се ослободуваат лицата кои ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација, а се зголемува и износот на прекршочните одредби за правни и физички лица за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација, наведе Шахпаска.
Комисијата за заштита од дискриминација, која со овој закон е пред расформирање, не се согласува со новото решение и тврди дека тој ја отвора вратата за истополови бракови без тоа да се формализира.
- Со првиот амандман потребно е да се врати одредбата која постои во актуелниот закон дека уредувањето на бракот, вонбрачната заедница и семејството исклучиво како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и една жена претставува исклучок од дискриминација бидејќи, во спротивно силно се јакнат легитимните стравови на конзервативниот дел од граѓаните на нашата држава независно од нивната политичка, етничка или верска припадност, во смисладека се создава правно фундиран простор за легализација на истополовите бракови, како и за легализација на желбата на овие двојки за посвојување на деца. Во оваа смисла, сметаме дека доколку се интегрира ваква промена во текстот што е во собраниска процедура, ќе се обезбеди најширока можна прифатеност во државата бидејќи, од една страна, продолжува да се обезбедува и унапредува еднаквоста по сите основи вклучувајќи ја и сексуалната ориентација, а, од друга страна, истовремено, се штити и бракот и вонбрачната заедница какви што постојат низ вековите до денес како заедница исклучиво на еден маж и на една жена - се вели во дел од денешното соопштение на Комисијата.
