Економија, финансии, бизнис

Контакт

Зекири го обвини Милошоски дека оддал државна тајна и ќе се бара одговорност

Зекири го обвини Милошоски дека оддал државна тајна и ќе се бара одговорност

Потпретседателот и пратеник од редовите на СДСМ, Мухамед Зекири денеска го обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски дека изнел детали од Извештај од лидерска средба, кој го добил од Кабинетот на претседателот, а кој е класифициран како државна тајна. 

Рече дека со тоа пратеникот директно го прекршил членот 317 од Кривичниот законик.

„Скандалозниот настап на пратеникот Антонио Милошоски на Комисијата за надворешни работи и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов е директно на штета на интересите на државата и на нејзините граѓани. Милошоски бил предупреден и од претседателот на Собранието Талат Џафери дека станува збор за државна тајна, која не смее да биде јавно споделена“ – рече Зекири.

Вели дека Милошоски од 2015 година не поседува безбедносен сертификат за државна тајна, поради што не може и не смее да има пристап до такви информации.

Зекири наведува и дека Кабинетот на претседателот не смее да го даде Извештајот на пратеник кој што нема безбедносен сертификат. 

„Од тие причини, против Милошоски и против тој што му го доставил документот ќе поднесеме кривична пријава за оддавање државна тајна, врз основа на член 317 од Кривичниот законик“ – рече Зекири.

Според Член 317 од Кривичниот законик, „тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од една до десет години“, „тој што на јавноста или на неповикано лице ќе му соопшти, предаде или стори достапни податоци или документи за кои знае дека се државна тајна, а до кои дошол на противправен начин, ќе се казни со затвор од една до пет години.“

Слично

Поврзани вести