Економија, финансии, бизнис

Контакт

Здружението на граѓани 16-ти март 2025 до Јованов: Со кое лице бараш олеснување на мерките?

Здружението на граѓани 16-ти март 2025 до Јованов: Со кое лице бараш олеснување на мерките?

Семејствата на загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ кој се случи лани во Кочани, остро реагираа по денешното барање на адвокатката Ивана Коцевска за олеснување на мерките куќен притвор за првообвинетиот Дејан Јованов – Деко, оценувајќи го како навреда за нивната болка и понижување на споменот на нивните деца.

Тие посочуваат дека секојдневно се соочуваат со загубата и празнината во домовите и наместо одговорност гледаат обиди за избегнување на последиците од трагедијата.

Особено загрижува, наведуваат, фактот што кај дел од обвинетите веќе било одобрено олеснување на мерките, што создава чувство дека случајот се минимизира и дека човечките животи се ставаат во втор план.



„Здружението на граѓани 16-ти март 2025“ на социјалните мрежи прашуваат со кое лице Јованов бара полесни мерки. 

„Дали навистина сметаш дека твојата здравствена состојба е потешка од празнината што остана во нашите домови? Дали барем еднаш помисли на тие 63 животи кога го поднесуваше ова барање? Дали помисли на повеќе од 200 повредени, кои и денес се борат со последиците? Дали знаеш колку од нас, семејствата на починатите и преживеаните, сè уште живеат со трауми, болка, страв и неизвесност? Што им порачуваш на нашите семејства, на преживеаните, кои секој ден повторно и повторно ја преживуваат истата ноќ? Дали сметаш дека нашата болка е помала од твојата? Дали воопшто може и да ја споредиш? Што значи за тебе човечност, морал, совест и одговорност? Дали имаш храброст да застанеш пред родителите и семејствата на починатите млади лица и пред повредените, и да им погледнеш во очи? Ние не бараме пресуда на улица. Бараме правда во судница. И ќе ја бараме – сè додека не ја добиеме“, стои во објавата.

Првообвинетиот во случајот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов-Деко, денеска беше пренесен со Брза помош од судницата во „Идризово“ поради влошена здравствена состојба.

Според информациите од судскиот процес, неговата одбрана посочила дека обвинетиот неодамна бил опериран на лумбалниот ’рбет, а по дополнителни компликации имал и втора хируршка интервенција.

„Неговата здравствена состојба е сериозна и притворот не ја исполнува целта, туку претставува казна пред судење“, истакнала адвокатката, барајќи замена на мерката со куќен притвор.

Во пожарот загинаа 63 луѓе, а повредени беа околу 200. Пожарот изби на концертот на ДНК. Членовите на групата исто така настрадаа во пожарот. 

Слично

Поврзани вести