„Здружение на граѓани 16ти Март 2025“ за петицијата за спомен-обележјето: Локацијата не е приватен имот, ниту „ничиј двор“
„Здружение на граѓани 16ти Март 2025“ на социјалните мрежи се произнесе за спомен-обележјето за жртвите кои загинаа во пожарот во Кочани лани на 16 март.
Станува збор за јавно зеленило – парк во сопственост на државата, наменет за сите граѓани на Кочани. Претставувањето на јавен простор како приватен или узурпиран е неточно и создава погрешна перцепција.
Предвиденото спомен-обележје нема да ја наруши структурата, функцијата или карактерот на паркот. Нема да биде масивна градба, ниту објект со друга намена, туку дискретен и достоинствен меморијален белег, каков што постои во сите цивилизирани градови.
Нашата болка не се одвива во јавни простори, туку во нашите домови и на вечните почивалишта на нашите деца. Спомен-обележјето е место за оддавање почит и тивко полагање цвеќе, чин на колективна меморија и достоинство – не „таговалиште“ и не закана за ничиј мир.
Јавната дебата е легитимна и добредојдена, транспарентна за сите граѓани на Општина Кочани, но одлуката за локацијата ја носи Советот на Општина Кочани, согласно закон и пропишани процедури. Медиумски притисок и еднострани кампањи не можат да ја заменат институционалната одлука.
Сите сме жители на Општина Кочани – и вие што реагирате, и ние родителите, и нашите деца кои трагично ги загубивме.
Никој нема повеќе право од другите.
Условувањето, заканите со „непочитување“ и обвинувањата за „самоволие“ доколку не се исполни нечие лично барање, се непримерни и неосновани.
Доколку мнозинството граѓани на Кочани, а не мал број поединци, смета дека оваа локација не е соодветна – ние ќе ја почитуваме таа волја.
дали овие деца заслужуваат трајно спомен-обележје на достапно и видливо место, или треба да бидат оттурнати на периферија – и во просторот и во сеќавањето.
Спомен-обележјето не е лична иницијатива, туку чин на колективно сеќавање на трагедија што го обележа целиот град и државата.
Загрижува фактот што петицијата во јавноста се претставува како „глас на граѓаните“, иако станува збор за ограничен број поединци. Со тоа се создава погрешна слика и дополнително се продлабочува болката на семејствата.
Ова не е прашање на комодитет, навика или личен мир, туку прашање на достоинство, колективна меморија и односот на општеството кон изгубените млади животи.
Ова не е борба за локација.
Ова е апел за достоинство, меморија и совест.
