Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЗДРАВСТВОТО ПРЕД СЕРИОЗЕН ФИНАНСИСКИ ПРИТИСОК: Дури 1.822 тужби прекувремена работа, неисплатени дежурства и ноќни смени

ЗДРАВСТВОТО ПРЕД СЕРИОЗЕН ФИНАНСИСКИ ПРИТИСОК: Дури 1.822 тужби прекувремена работа, неисплатени дежурства и ноќни смени

Во јавните здравствени установи во Македонија, вкупно 1.822 вработени покренале судски постапки против институциите каде што работат, барајќи исплата на најмалку 134,6 милиони денари, или околу 2,18 милиони евра. Најголемиот дел од тужбите се однесуваат на неисплатени додатоци за прекувремена работа, ноќни смени, работа во недела и празници, бонус плати и јубилејни награди.

Судски постапки се водат во 62 од вкупно 108 здравствени установи, информираше директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Најголем број тужители има во Општата болница Куманово – 317 вработени, додека најголем финансиски товар е во Клиничката болница Битола со побарувања од 16,8 милиони денари.

„Тужбите најчесто произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работни односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз здравствениот систем е значително повисок, бидејќи голем дел од постапките сè уште не се завршени“, изјави Клековски, додавајќи дека бројот на тужби се очекува да расте. Само Здравствениот дом Кратово најавил околу 65 нови тужби со побарувања над 3,5 милиони денари.

Анализата на ФЗО за платите во јавниот здравствен сектор, опфаќајќи 18.872 вработени во декември 2025 година, покажува дека просечната нето-плата изнесува 50.039 денари, додека основната плата без додатоци е 37.660 денари. Најголем удел на додатоци имаат установите со 24-часовен режим – на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија тие достигнуваат 40,66%, во Клиничката болница Штип 37,83%, а на Институтот за радиологија 37,67%.

„Парадоксално, токму во дел од болниците каде што додатоците се највисоки, ефикасноста е најниска. Имаме хирурзи кои не влегуваат во сала, а земаат плати од околу 2.000 евра месечно“, посочи Клековски. Тој додаде дека некои установи се соочуваат со вишок лекари, додека медицински сестри, помошен персонал и анестезиолози се недостасуваат.

За да се спречи дополнително натрупување на судски трошоци и камати, Министерството за здравство, ФЗО и синдикатите формирале работна група. Планот на ФЗО вклучува приоритетна исплата на правосилните пресуди и спогодбените случаи, воспоставување централен регистар за следење на предметите и зајакнување на правните служби во најкритичните болници.

Клековски се осврна и на проблемот со преупатувањето пациенти од внатрешноста кон скопските клиники, оценувајќи дека сегашниот систем е неодржлив. Дел од клиниките побарале воведување на таканаречен сервисен упат, при што болницата што го препраќа пациентот би плаќала за услугата што ќе се изврши во главниот град.

И покрај сите структурни и финансиски предизвици, бројот на вработени во јавното здравство продолжува да расте – од 18.000 во 2024 година, лани бројката достигнала речиси 19.000, а очекувањата се дека годинава ќе продолжи трендот на нови вработувања.


Слично

Поврзани вести