Здравствена заедно со лична карта ќе почека, можен е нов тендер
Министерот за здравство открива потенцијално голем проблем со системот за издавање на електронски здравствени картички кои да потсетиме дека пред изборите тие што доставуваа документи добија информации дека новите картички ќе треба да ги чекаат најмалку една година.
Министерот Таравари за да го надмине потенцијалниот проблем посочи дека е можно распишување нов тендер за избор на фирма која ќе печати нови електронски здравствени картички (ЕЗК), поради тоа што на поголем број од граѓаните картичките им се неважечки, а дел ги немаат добиено.
Тој на средба со новинари информираше дека денеска ќе има состанок со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија на кој ќе стане збор за начините за надминување на проблемот со ЕЗК.
– Сакавме ова да го решиме така што ќе биде три во едно, односно лична карта, возачка и здравствена картичка во едно. Но, од МВР ме информираа дека технички е возможно заедно да бидат само лична карта и здравствена картичка. Така што, тоа ќе го направиме, но тоа ќе биде процес кој ќе трае во наредните две до три години. Дотогаш ќе мора да печатиме нови картички, додаде Таравари.
