Здравствен дом Скопје: Гроздановски од 30 јули годинава не е вработен затоа што три дена не се појавил на работното место
По пишувањето на дел од медиумите дека долгогодишниот невролог, доктор Мирослав Гроздановски, кој пред еден месец ја фотографираше погрешно испишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, добил отказ, од Здравствен дом Скопје информираат дека Гроздановски од 30 јули годинава не е вработен во Службата за неврологија при ЈЗУ Здравствен Дом Скопје поради тоа што докторот по своја волја односно самоиницијативно од 26.07.2021 година до 28.07.2021 година три дена не се појавил на работното место.
„По добиеното известување на 29.07.2021 година од Раководителот на Службата за неговото неоправдано отсуство институцијата мораше да постапи согласно законските обврски. Информираме дека Др.Гроздановски беше вработен во ЈЗУ Здравствен Дом Скопје како специјалист по неврологија и неговото прераспоредување во друга поликлиника не е воопшто поврзано со фотографираната погрешна табла ( како што тој наведува) туку заради потреба од специјалистички услуги од овој тип во Поликлиника Бит пазар во која неколку месеци нема специјалист невролог, а на истото подрачје здравствената услуга од овој тип е неопходна. Во ЈЗУ Здравствен Дом Скопје согласно Статутот и организацијата на Домот лекарите се распределени по Служби, а не по поликлиники и за потребите на Домот се распределуваат во поликлиники каде е потребно, се со цел сите здравствени услуги да се достапни на граѓаните на сите подрачја на територија на град Скопје и околните места“, соопштија од ЈЗУ Здравствен Дом Скопје.
