Здраво време да се најде нов министер за здравство
Повеќе од еден месец позицијата министер за здравство е испразнета со што секако не колабираше здравствениот систем, но исто така не може да се спроведат клучните реформи за подобрување на услугите кон граѓаните. Државното здравство остана без кормилар откако Арбен Таравари реши да се трка за градоначалник за Гостивар тврдејќи дека тоа од него го барал народот иако беше свесен за критиките дека остава еден така значаен сектор испразнет без политичко водство.
Најновите информации се дека премиерот Зоран Заев очекува деновиве да бидат познати имињата на кандидатите кои ќе ги пополнат испразнетите министерски и заменички места во Владата на Република Македонија кои потоа ќе треба да бидат одбрани и во Собранието.
Бидејќи е потребно апсолутно мнозинство од 61 пратеник на тест ќе биде ставена и владината коалиција составена од СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците. Заев им даде целосна поддршка на кандидатите на ДУИ што ги натера сопартијците на Села да коалицираат со БЕСА во вториот круг и практично да делуваат како две спротиставени страни.
Токму Алијансата треба да го даде предлогот за нов министер за здравство, па неофицајлно нивни кандидат ќе биде Вулнет Ферати иако за оваа идеја засега нема потврда. Ниту е јасно дали Алијанса ќе го задржи овој сектор или пак ќе има нови „претумбации“ односно трампа за друго министерство.
Досега Заев не даваше знаци на загриженост во јавните настапи и тврдеше дека во Владата има место за сите што ги поддржуваат реформите што на некој начин ем остави простор за останување на Алијансата во коалиција, ем им даде знак на останатите пратеници како тие на ДПА или независните кои му откажаа лојалност на Груевски во Собранието како што е пратеникот Саздовски да се приклучат кон мнозинството.
Секако, таквите рокади ќе повлечат и добивање на владини функции и целосно рекомпонирање на досега поделениот владин колач меѓу СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, па не знаеме дали целото одложување на постапката се должи на таков вид на интерни преговори или пак се должи на пеглање на разликите меѓу двете албански партии во Владата.
По изборите токму Ахмети и Села влегоа во директен конфликт со бројни меѓусебни обвинувања, па решавањето на личните релации исто така беше еден од непотребно важните фактори за иднината на владината коалција.
Повторно ќе потенцираме дека без оглед на сите партиски и политички пречки ресорот здравство мора што побрзо да се пополни бидејќи пациентите и македонските граѓани немаат време за чекање, не особено при очајни услови на здравствена грижа во повеќе медицински гранки каде секојдневно илјадници се соочуваат со огромни проблеми и нефункционалност на системот.
Автор: Христијан Станоевиќ
