„Здравје, а не провизии“-протестираше ВМРО-ДПМНЕ, од МЗ со одговор-опозициската партија одбра да шири несигурност во Клиничкиот блок
Здравје, а не
провизии, под ова мото денеска ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за здравство
организираше протест, кој започна со еден минитен молк за починатите од
Ковид-19.
Пред собраните присутни се обрати Влатко Ѓорчев кој рече:
-Ни рекоа „За Живот“ во Македонија, а државата е една голема гробница, ова ли е живот со 30 погреби дневно, стотици одат во соседството да се вакцинираат, а државата е во петте најлоши држави по смртност во светот. Денеска во Македонија додека зборуваме во моментов се подготвуваат 33 погреби, денеска 33 семејства ќе ги испратат своите најмили и веќе никогаш да не ги видат, ќе молчиме затоа што власта не се ни дрзнува во Собрание да молчи за починатите свои сограѓани, минута молк затоа што болката е голема и затоа што мртвите се премногу, а неспособноста е ужасна, не е нормално да умираат по 30 луѓе дневно и никому ништо. Најнеспособни сме на светот, Врање за нас стана Шведска и Скандинавија, ова е фијаското во кое живееме, ги повикувам ченовите на СДСМ и шарените револуцинери, да не бидат индиферентни на 3.600 мртви и да не се молчат за ова што ни се случува, порача Ѓорчев.
Од министерството за здравство пак им забележаа на присутните дека протестираат на само неколку метри од болните пациенти кои се лекуваат во ковид центрите.
-На само стоина метри од протестот на ВМРО ДПМНЕ лежат над 300 ковид пациенти. На само стотина метри од протестот на ВМРО ДПМНЕ, работат здравствените работници, макотрпно, без да се штедат, се борат со вирусот и им ја даваат потребната нега на болните. ВМРО ДПМНЕ денеска одбра да шири несигурност во Клиничкиот блок, наместо да ги остави лекарите и медицинскиот персонал да бидат концентрирани и посветени на пациентите. Додека ВМРО ДПМНЕ смислуваа партиски говори, полни со лаги и обвинувања утрово министерот за здравство Венко Филипче, со директорите на Ковид центрите зборуваше за обезбедување на нови легла за хоспитализација, ја дискутираа состојбата на пацинетите и кои им се потребите на Клиниките. Живееме во една од најсериозните здравствени кризи со кои се соочил светот, криза во која солидарноста меѓу земјите е издигната на највисоко ниво. Во моментов во цел свет се води битка за набавка на вакцини, во цел свет има притисок врз болниците, во многу земји низ Европа, пациенти се префрлаат од една во друга земја, за да бидат болнички згрижени, нашите здравствени работници со натчовечки напори го дават максимумот да одговорат на потребите на пациентите. Министерството за здравство ја повикува опозициската партија ВМРО ДПМНЕ да престане да го опструира процесот за набавка на вакцини измислувајќи сценарија, фалсификат документи и ширење лаги. Министерството за здравство ја повикува опозициската партија да престане со протести обидувајќи се да шири немир меѓу болните, нивните семејства, здравствените работници и сите граѓани. Министерот Филипче нема да го одвратите од битката со Ковид 19, менаџирање на здравствниот систем и обезедување на вакцини за граѓаните, се наведува во соопштението.
