Екоактивистите од Здрава Котлина побараа од претседателката Гордана Силјановска Давкова да не го потпишува указот на Законот за минерални суровини и рударство. Од таму велат дека со измените ќе биде нарушено уставното право на сопственост, бидејќи како што велат, концесионерите ќе може да експлоатираат и на туѓ имот без да бидат расчистени имотно-правните прашања.
„Ова е моментот на вистината за претседателката. Како професор по уставно право и врвен правник, Гордана Силјановска Давкова не може и не смее да ги затвори очите пред правниот монструм што вчера беше изгласан во Собранието.
Почитувана претседателке Силјановска-Давкова, вчера во Собранието мнозинството пратеници го изгласа и потпиша сопствениот морален банкрот. Сега, Вие сте последната легална бариера помеѓу озаконување на корпоративниот апетит на „рударите на смртта“ наспроти животот на граѓаните. Како правник, знаете дека овој закон не е само еколошка бомба, туку и уставен преседан.
Овој закон овозможува концесионерот да добие дозвола за работа пред да го реши имотно-правниот спор со сопствениците на земјата. Ова е директна повреда на правото на сопственост загарантирано со Уставот. Државата со овој закон се става во служба на приватен (честопати сомнителен офшор) капитал, дозволувајќи му да гази врз туѓ имот без финална експропријација. Тоа не е владеење на правото, туку законски дивеење за што државата ќе плаќа (или на сопственикот или на концесионерот) а сериозни конфликти ќе се случуваат на терен поради правната несигурност на приватната сопственост.
Уставот вели: „Секој е должен да ја чува и унапредува животната средина“. Со олеснување на процедурите за рудниците во плодните котлини, државата свесно го жртвува здравјето на граѓаните за профитот на олигарси домашно и странски како оној со бугарска националност со капитал од Кајманските Острови ама со швајцарска маска. Ваша должност како претседател е да го заштитите овој колективен интерес.
Ако овој закон биде потпишан, тоа ќе биде сигнал за општа мобилизација. Партиите кои во 2023 глумеа загриженост на плоштадите во Струмица, вчера го покажаа своето вистинско лице. Но, народот не е во хибернација“, реагоираат од Здрава Котлина.
Од таму најавуваат дека повторно ќе има локални протести и дека најмногу ќе биде засегнат југоисточниот дел од земјата.
„Овој закон е донесен набрзина, без вистинска јавна расправа, со цел да се заврши „работата“ пред изборите во 2028 година. Политичките партии се расправаат за тоа чиј е „отровот“, но граѓаните не прифаќаат ниту грам отровна рударска прашина во својата храна и вода.
Бараме од претседателката Силјановска-Давкова да застане на страната на Уставот и народот. Не го потпишувајте указот за овој закон! Не дозволувајте македонската земја да стане сопственост на офшор олигархијата додека земјоделецот се претвора во наемник на сопствената нива.
Доколку претседателката го потпише ова, таа го потпишува уништувањето на Југоистокот. Време е за масовен притисок – социјални мрежи, протестни писма до Кабинетот на Претседателот и подготовка за теренска акција.
Не нè лажете со геополитички прикаски. Народот не го интересира дали капиталот е „западен“ или „источен“, дали газдата е член на руска академија или бугарски олигарх со седиште на Кајманските Острови. Ете ви го за пример Цоло Вутов, со сите бои намачкан, ама правниот и безбедносниот систем на државата не може да се види и тој е сопственик на повеќе од 70% од Иловица-Штука во концесија што не добила дозвола за експлоатација од 2012 до 2026 иако максималниот законски рок е 4 години. Ова е тоа кога некои закони не мора да се почитуваат, ама ако е така зошто да се плаќа даноци ако селективноста е само привилегија на богатите што не им е гајле за другите???
Отровот нема знаме и лева или десна идеологија. Идеолошката војна на социјалните мрежи што се виде во комисијата на парламентот и „анализите“ на рударското лоби на Плусинфо се само дефокус. Не е битно дали отровот е „патриотски“ или „демократски“ – тој ќе ги уништи подземните води и плодната почва без дискриминација а со тоа неповратно ќе ни ја уништи татковината!“, додаваат од таму.