ЗБОРУВА АНГЛИСКИ, ГЕРМАНСКИ, АЛБАНСКИ: Кој е Ненад Савески?
Владата на денешната седница го утврди предлогот за нов државен јавен обвинител, кандидатот кој ќе биде предложен до Собранието е судијата Ненад Савески.
Ненад Савески е роден на 22 јули 1976 година, а потекнува од Гостивар, каде и живее со семејството. Оженет е и е татко на три деца.
По образование е магистер по правни науки од областа на казненото право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде претходно дипломирал. Правосудниот испит го положил во 2003 година, а средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.
Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, додека во периодот од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд во Гостивар. Кариерата ја започнал како судски приправник во истиот суд, во периодот од 2000 до 2002 година.
Покрај работата во судството и обвинителството, Савески бил вклучен и во повеќе експертски и меѓународни проекти. Учествувал како експерт во активности на ОБСЕ во Македонија, како и во рамките на Националната конвенција за Европската Унија за Поглавје 23, кое се однесува на правосудството и фундаменталните права. Бил член и на работни групи за судски и законски реформи, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД, особено во области поврзани со посебните истражни мерки, притворот и кривичната постапка.
Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, како и национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа. Во рамките на овие активности учествува во обуки поврзани со човековите права и кривичното право.
Тој е автор и коавтор на повеќе научни и стручни трудови и публикации, меѓу кои и за теми како посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот и право на приватност. Во периодот од 2022 до 2024 година учествувал и како коавтор на повеќе водичи и стручни публикации.
Освен македонскиот јазик, Савески зборува англиски јазик, германски, српско-хрватски и основен албански.
фото принтскрин
