Жбогар ги изненади сите - состојбата во судството и не е така лоша, сега нема потреба за ветинг
Ситуацијата во правосудството не е така лоша. Постојат и други начини правосудството да се подобри, пред сѐ, од внатре, смета евроамбасадорот Самуел Жбогар. Тој денеска рече дека не гледа потреба за ветинг на судии и обвинители во овој момент.
Ова следува откако премиерот Зоран Заев практично ја повика Европската унија да помогне во овој процес. Премиерот, во видеообраќање на стартот на месецов, рече дека правосудството остана последна тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции. Тој тогаш ја повика Антикорупциската комисија да почне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, и да утврди конфликти на интереси. И на вчерашната партиска трибина тој пак ги повика ДКСК, УЈП, МВР, како и другите надлежни институции да го испитаат потеклото на имотот на судиите и обвинителите и нивните семејства.
Но, Жбогар смета дека ветингот треба да биде последна опција, а за тоа треба да се исполнат и одредени предуслови, како што е консензус на сите политички актери.
„Нашата позиција за ветингот е јасна. Мислам дека ние преферираме да се користат сите други елементи за да се подобри правосудството, кое на крајот на денот и не е во така лоша ситуација во земјата. Има многу начини да се подобри правосудството, пред сѐ, од внатре. Правосудството треба да се саморегулира. Секако, ние можеме да дадеме поддршка. Еден од проектите е следење на случаите на висока корупција во судовите и тоа ќе го правиме следната година, и мислам дека тоа ќе помогне да се подобри ситуацијата. Ветингот секогаш е последната опција и за ветинг треба да се исполнат извесни услови, како консензус на сите политички актери. На ветингот го гледаме како последно прибежиште и во моментов не гледаме потреба за тоа. Сепак одлуката секогаш е на земјата“, изјави Жбогар, откако одржа денеска средба со претседателот на Уставниот суд Сали Мурати.
