ЗАВРШУВА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА: Партиите вечерва на последни митинзи
На полноќ завршува изборната кампања и почнува изборниот молк.
В недела на 17 Октомври ќе се одржат локални избори.
Во сабота гласаат болните и немоќни, ковид болните и оние во самоизолација, затвореници и лицата во старечки домови.
Уште денес имаат време партиите да ги убедат граѓаните зошто да го дадат гласот токму за нивниот кандидат за градоначалник.
Издржани проекти, ветувања, европската агенда и решавање на разноразни проблеми , но и заострена реторика слушавме на митингувањата на партиите.
Во минатото, но и денес кандидатите за градоначалници освен решавање на комунални и инфраструктурни проблеми, ветуваат и вработувања, економско заживување на градовите, и задржување на младите во земјава. Дури имало и случаи кога се ветувале и по 2.000 вработувања.
Но, реално граѓаните се скептични по ова прашање. Сметаат дека програмите се помпезни, а нови вработувања тешко се реализираат и трнлив е патот до намалување на невработеноста.
Поранешниот пратеник и советник, Бранко Арсовски вели дека во дебатите многу често кандидатите даваат ветувања надвор од нивните ингеренции. Тој смета дека тие треба добро да го проучат Закон за локална самоуправа и во рамки на своите надлежности да предлагаат реални мерки и решенија за проблемите на граѓаните.
„Градоначалниците можат да реализираат некое симболично вработување, можат да создадат амбиент, да обезбедат парцели за инвестиции, но главен носител на проекти за вработување е државата преку министерствата“, вели Арсовски.
М-р. Мартин Новески, претседател на Здружение на економисти, статистичари и економетричари СИГМА СТАТ Скопје смета декаедно од клучните ограничувања е недоволното познавање на системот на државна управа, начинот на функционирање на јавната администрација и состојбата со буџетот. Вели дека токму од овие причини, кандидатите за градоначалници често даваат неостварливи ветувања, и со тоа практично немаат можност да ја подобрат социо-економската слика во општината.
Идните градски татковци ветуваат, но дали можат да обезбедат вработувања и економско заживување на општините?