Заврши вториот дел од Проектот за пристап на НБРМ во Европскиот систем на централни банки
Денеска во Скопје се одржа вториот состанок на Управниот комитет на кој учествуваа претставници од Европската централна банка и Евросистемот, Делегацијата на ЕУ и НБРМ.
Со овој состанок официјално заврши втората фаза од спроведувањето на проектот за анализа на потребите на Народната банка на Република Македонија за пристапување во Европскиот систем на централни банки и Евросистемот, финансиран од Инструментот за претпристапна помош од Европската Унија, што почна да се спроведува во октомври минатата година.
- Во текот на првите три месеци од годината беа остварени 16 билатерални средби помеѓу експертите од Евросистемот и од НБРМ во сите 11 области што се опфатени со проектот - економска анализа и истражување, монетарна политика и политика на девизниот курс, платни системи, статистика, човечки ресурси, информатичка технологија, внатрешна ревизија, правни услуги, сметководство, банкноти и издаваштво и библиотекарство. Во спроведувањето на втората фаза учествуваа 24 експерти од 11 национални банки од Европскиот систем на централни банки, кои врз основа на отворена и добра соработка со експертите од НБРМ извршија анализа на тековната институционална и оперативна рамка и дадоа проценка за потребните правни и организациски промени, како и за човечките ресурси потребни за постигнување на европските стандарди во анализираните области, се вели во соопштението од НБРМ.
Слично
