Заврши реконструкцијата на Детската улица во Ново Лисиче
Со сечење црвена лента денеска и официјално беше пуштена реконструираната детска улица во населбата Ново Лисиче која го носи името „Тоше Проески“. Лентата ја сечеа скопскиот градоначалник Коце Трајанов и Ивица Коневски, градоначалникот на Аеродром.
„Со реконструкцијата на детската улица „Тоше Проески“, која на повеќе места беше оштетена, граѓаните добија поубаво место за прошетка, одмор и релаксација“, рече Коневски за кого ова станува култно место за младите од целата општина.
Пешачката патека е широка 7 метри, а долга 550 метри. Печачката улица е поплочена со мермерни коцки и гранитни плочи, на кои се изгравирани јунаци од цртаните филмови. Патеката е осветлена и има клупи, канти за отпадоци како и 96 жардиниери со хризантеми и зимзелени растенија, донација на Град Скопје, преку јавното претпријатие Паркови и зеленило.
Иако беше најавувано дека улицата од Ново Лисиче ќе биде продолжена и во населбата Аеродром, по негативната реакција на граѓаните проектот засега е стопиран.
Слично
