Заврши прославата за поканата од НАТО, Вртев од „Архангел“ упати порака
Без голема еуфорија, иако настапи еден од најеминентните рок-бендови во македонската историја - „Архангел“, во Скопје мина прославата за поканата и почетокот на предпристапните преговори со НАТО, за што може да се каже дека самата најава дигна повеќе прашина отколку настапот на 40-ина изведувачи во 15 македонски градови.
- Купен мир и тишина 11 години. Време е Македонците дс тргнат напред. Македонија е богата земја и луѓето повеќе не смеат да бегаат од дома или да се кријат од локални силеџии и пробисвети - порача основачот на „Архангел“, Ристо Вртев, додека ги изведуваше хитовите на групата.
Според реакциите на социјалните мрежи, најмногу посетители имало во Битола на настапот на Дуке Бојаџиев. На истото место прославуваше и премиерот и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

- Имаме зошто да славиме и да се издигнеме над делбите. Сега како никогаш досега да си подадеме рака. Сакам да ги повикам сите граѓани и да им порачам денеска силите што не делат не се толку силни како силите што не обединуваат. Силите што не обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО. Тоа се силите што ни ја отворија иднината, истакна Заев на самото место. Повикувајќи ги граѓаните сами да си одговорат на прашањето каде бевме пред една година, каде сме денеска рече Македонија е слободна земја, секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. - Ве повикувам уште еднаш и ќе ја повикувам опозицијата отсега па понатаму секој ден – ајде да ја избереме македонската иднина, нашата заедничка иднина. Ајде да престанеме со сеење омраза, да се издигнеме над делбите и разликите заради нас, заради нашата држава и заради иднината на нашите и на следните генерации, порача премиерот.
Од кабинетот на Заев информираа дека за организацијата на целиот настан ќе бидат обезбедени средства од буџетот, а сумата ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.
