Заврши истрагата за полицајците во случајот „Пулс“
Подготовката на обвинителниот акт против полицајците вклучени во трагедијата во Кочан е во завршна фаза. Обвинителството за организиран криминал и корупција ја заврши истрагата, но обвинителниот акт сè уште не е испратен до Кривичниот суд. За Алсат велат дека сега се очекува сите страни во постапката да добијат известување дека истрагата е завршена, а откако ќе помине законскиот рок за доставување докази, ќе биде поднесен обвинителниот акт.
„Јавниот обвинител моментално испраќа известувања за завршување на истрагата до сите обвинети и нивната одбрана. По приемот на известувањата, обвинетите и одбраната имаат законски рок од 15 дена да достават докази. По истекот на овој рок, ќе биде донесена обвинителска одлука, за која јавноста веднаш ќе биде известена“, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Вкупно 30 полицајци се осомничени дека не спровеле детална проверка на лиценцата на таканаречениот ноќен клуб „Пулс“ во Кочани, во делот што се однесува на одржување на јавниот ред и мир. Истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција започна веднаш по трагедијата и првично опфати седум полицајци, но во април беше проширена за уште десет, додека во јуни бројот на осомничени се зголеми за 13 лица.
Во меѓувреме, во тек е судењето за пожарот во Кочани во случајот што го води Основното јавно обвинителство, во кој се обвинети 35 физички и три правни лица.
Следното рочиште е закажано за утре. Паралелно, во кочанското обвинителство е отворен трет случај, во кој се вклучени 11 лица, меѓу кои и инспектори од УЈП во Штип и Струмица, осомничени дека им дале прелиминарни информации за инспекциски проверки на одговорните за „Пулс“, а за возврат добиле подароци.
Кочанскиот суд на затворена седница, криејќи ја одлуката од јавноста и објавувајќи ја следниот ден, одлучи да им одреди куќен притвор. Еден од овие инспектори е и брат на претседателката на Кривичниот суд во Скопјe, Даниела Димовска. Во пожарот во „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март, животот го загубија 63 лица, додека околу 200 беа повредени.
