Завршена ли е работата и без референдум
Изјавите на премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената
Дескоска ги збунија определените за бојкот на референдумот на 30 септември и
останува да се види дали ќе има „прегрупирање“ на редовите, откако владините
функционери во еден ден најавија дека договорот од Преспа може да се
имплементира и без цензус од 50 отсто плус еден излезност.
Толкувањето е дека резултатот од консултативен референдум е уставно обврзувачки и без цензус, по што се јави и движење дека треба да се излезе на референдум во што поголем број за да надвладее опцијата „против ЕУ и НАТО ако цената што треба да се плати е промена на уставното име“. Во тој контекст е и нерешителноста на опозицијата, откако ВМРО-ДПМНЕ објави дека деновиве ќе го објави конечниот став.
„Ако некому не му е јасно, референдумот е одамна одржан и работава ќе се тера по секоја цена. И покрај се, јас ќе гласам против, за пред себе да сум чист“, гласеше еден од статусите на Фејсбук, конкретно на новинарот Александар Методијев.

Ако за референдумот не биде постигнат цензус, институциите ќе го имаат последниот збор да одлучуваат, го навести премиерот Заев својот „План Б“
„Ако граѓаните заклучат дека прашањето им е тешко, дека не се доволно информирани може да одлучат и да останат дома, без разлика на политичките разлики. Но ова овојпат не е дозволиво. Во таков случај тие ја пренесуваат одлуката на институциите, затоа што со сите правници, со сите релевантни фактори во државата, со сите што го толкуваат и Уставот и законите, тоа значи така. Опција има да се гласа за или против, но опција дали да излеземе или не, нема. Треба да излеземе ако сме вистински патриоти“ - изјави денеска Заев на прес-конференција.
На иста „фреквенција“ е и денешниот објавен одговор на Дескоска во интервју за неделникот „Фокус“, коментирајќи ги последиците од можен бојкот.
„Договорот со Грција е склучен и е ратификуван во Собранието. Граѓаните имаат можност да го поддржат или да го сменат на референдум. Тие што нема да гласаат на референдумот всушност не помагаат за отфрлање на договорот. Се прашувам, дали можеби ВМРО-ДПМНЕ со евентуална одлука за бојкот, молчешкум го поддржува договорот и се задоволни што спорот е решен, а тие немаат никаква одговорност за тоа?“, објаснува Дескоска.

Професорката Каролина Ристова Астеруд тврди дека резултатот на консултативен референдум е уставно-обврзувачки, а цензус не е потребен.
„Референдумот е форма на остварување на суверенитетот на граѓаните. Тоа сегде па и кај нас е првокласна уставна материја. Како граѓанин одлучуваш индиректно (преку оние што си ги гласал и избрал на избори за централна и локална власт) или директно/непосредно (референдум) Затоа уставот ги уредува и двете форми на остварување граѓански суверенитет, додека законите после само разработуваат согласно уставот како повисок/највисок правен акт“ ни објасни професорката на УКИМ по политички науки.
Во Законот за референдум стои дека „Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено. Собранието е должно во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да го уреди прашањето, односно законот по кој се одлучувало на референдумот, во согласност со резултатите од референдумот“
Засега е нејасно како ќе се имплементира одлуката од референдумот, ако се знае дека со евентуалното прифаќање на договорот од Преспа треба да менува и Уставот на РМ и дали ќе има обвинувања за „неуставно однесување“ доколку одредени пратеници нема да сакаат да се приклуат кон двотретинско мнозинство.

Во конечната спогодба од договорот од Преспа, уште во првиот член, став 3, стои запишано: „Втората страна ќе го прифати името ’Република Северна Македонија’ како нејзиното официјално име, како и термините наведени во член 1, став (3), спроведувајќи внатрешна постапка, која е и обврзувачка и неотповиклива и ќе вклучи усвојување амандман на Уставот, како што е договорено со оваа спогодба“.
Понатаму, во чекорите што треба да ги спроведе македонската страна, според договорот, децидно е наведено дека по одржувањето референдум (доколку така одлучи), „втората страна ќе ја започне постапката за усвојување амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба“. Дури по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот и завршувањето на сите внатрешни постапки, потребни за влегување во сила на спогодбата, првата страна (Грција) ќе ја ратификува спогодбата.
Тодор Петров со иницијатива до Уставен суд за поништување на референдумот
Светскиот Македонски Конгрес (СМК), предводен од Тодор Петров, кој собра повеќе од 180.000 потребни потписи за одржувањето на неуспешниот референдум за територијална поделба во 2004-та, поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за поништување на Одлуката за распишување на референдум, што ја донесе Собранието на Македонија на седницата одржана на 30 јули 2018 година.
„Собранието со референдумот ги наведува избирачите да гласат по меѓународен договор кој не е склучен во согласност со Уставот на Република Македонија и не е дел од внатрешниот правен поредок на државата, а истовремено ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Референдумското прашање создава правни последици што се основа за кривично дело и поради тоа ги доведува избирачите во заблуда да гласаат за “озаконување“ на меѓународен договор чие извршување пред да стапи во сила Законот за негова ратификација претставува кривично дело!“, се вели меѓудругото во образложението.
А.К.