Затворската полиција: Со ниски плати, бедни услови за работа, без опрема и униформи, прашуваат - кој е осудениот?!
Ниски плати, без опрема и униформи, мизерни услови за работа, закани, притисоци – во вакви услови скоро цела деценија работи затворската полиција. Претседателот на синдикатот Антонио Стојчевски за Фактор вели дека состојбата е повеќе од алармантна. Животот зад решетки за осудениците како што вели станува пресликакана верзија и за вработените.
“За жал сеуште нема решение на повидок. Работиме во многу лоши или подобро речено катастрофални услови. Нема доволно средства како радио врска, детектори , оградните ѕидови и мрежи се распаѓаат. Стражарските места викани “караули” не секогаш имаат средства за комуникација и се во многу лоша-трошна состојба, без клими за ладење и грејни тела за греење, работиме без двогледи, светлосни уреди. Личното вооружување е старо и потекнува уште од СФРЈ, имаме неисправни средства за врзување-лисици, нема специјални возила за превоз на осудени лица туку ни се даваат запленети и стари патнички автомобили и комбиња кои не се соодветни за превоз на осудени и притворени лица туку се повеќе за превоз на земјоделски производи и добиток”- додава претседателот на синдикатот на затворската полиција.
Иако деновиве беше најавено дека полицијата ќе добие нови униформи никој не спомена дека пробелмот ќе се решава и кај службите кои работат во затворите. Дополнително според Стојчевски недостасува инвентар и опрема.
“Ги извадивме на виделина проблемите со кои се соочуваме подолго време. Проблемот со униформите не е решен бидејќи затворите немаат свој буџет во делот за набавка на униформа. Согласно со правилник на униформи и ознаки на затворската полиција не се прецизирани роковите за нивна употреба и нивна замена. Сите финансии што ги обезбедуваат т.е остваруваат од стопанските единици завршуваат во буџетот на државата за разлика од пред пет-шест години кога тие средства беа користени за набавка на униформи, обнова на средства за работа како и обнова на инвентарот како на пример столчиња за седење бидејќи старите веќе се распаѓаат и не се за употреба”- потенцира Антонио Стојчевски.
Работата во затворите како што вели е многу сериозна и одговорна, а пред се опасна.Често имаат закани од блиски на осудените лица. Не ретко вели автомобилите на неговите колеги биле демолирани, а многу лични закани завршувале на нивни адреси.
“Затворската полиција не е службено осигурена за време на вршење на службените дејствија, додека на превоспитната служба и инструкторите им е укинат бенефицираниот стаж и додатокот за ризик.Честите навреди, пцовки и закани по личниот живот и животите на нашите семејства, оштетување и палење на нашите возила. Имаме директен и секојдневен контакт со болни осудени лица (туберколоза,ХИВ, хепатит) и други заразни и преносливи болести, практично опасностите ги носиме во нашите домови. Немаме специјално возило за превоз на болни и осудени лица, има случаи каде се нападнати колеги со цел да се ослободи лице лишено од слобода се директни опасности и ризици по животите на затворските полицајци”- раскажува Стојчевски.
Недостатокот на опрема треба да се регулира согласно препораките од Комисијата против тортура и европските затворски правила, минимални правила за лица лишени од слобода како и соодносот помеѓу затворски полицаец и осудено лице според евро праксата. Во европските држави објаснува дека еден полицаец е предвиден на две осудени лица, додека кај нас еден полицаец е предвиден на седум осудени лица. Оттука поради недостаток од персонал веќе десет години вели се дополнително пекувремено ангажирани и по 32 часа месечно или на годишно ниво до 400 прекувремени часови.
Живот зад решетки и надвор од нив-каде е полошо?!
Во недостаток на опрема и скратени работни права Стојчевски вели многу тешко се справуваат со тековните проблеми и често се приморани решенијата да ги бараат со тужби па кај вработените има чувство дека тие се “осуденици на системот”.
“Правната несигурност на вработениот го доведува до понерамноправна положба во однос на затворските штитеници. Институциите како да се грижат повеќе за правата на штитениците, а воопшто не ги гледаат условите за работа на затворската полиција. Платите на затворските полицајци се повеќе од мизерни, голем проблем е и пресметката на платите која е неправилна. Ова го поткрепувам со преку 200 тужби од страна на колегите кои ги добиваат во нивна корист пред надлежните судови со што докажуваме дека нашите пари завршуваат негде на друго место. Основната средна плата е околу 14 500 денари. За разлика да речеме од Косово каде колегите земаат од 500 до 700 евра и работат во многу подобри услови. Со ова се запознаени сите релевантни фактори и очекуваме слух од нивна страна за решавање на овој за нас прв и многу битен проблем за нашите мизерни плати и егзистенција”- вели Стојчевски.
Политичките превирања во државата според него директно се одразуваат врз вработените бидејќи тие институционално се запоставени па во политичко-општествениот вакуум никој не се грижи за чуварите на редот и мирот во затворските установи.
“По посетата на премиерот на КПД Идризово и неговата ветена итна реакција за решавање во делот на нашите проблеми ништо не е исполнето. Нашите синдикални претставници остварија контакт со Државниот секретар од Министерството за правда, шефот на кабинетот на министерот и со одговорни во Управата за извршување на санкции каде што добивме ветување за подобрување на состојбите, но сеуште не гледаме на повидок резултати од тие ветувања. Во моментов делуваме институционално со мирно решавање на проблемите но доколку се случи понатаму да немаат слух ќе бараме друг вид на делување” – додава Стојчевски.
Синдикатот на затворската полиција и администрацијата до сите институции предал нов предлог-колективен договор со кој очекуваат да се реши статусот на полицајците и администрацијата во затворите, овластувањата, правото за носење на оружје и изедначување при заминувањето во пензија со нивните колеги од МВР.
С.Б.
