Затворите со нови директори, ќе добијат ли и човечки услови?
Затворите во Република Македонија со најновата одлука на владата добија нови директори или попрецизно кажано вршители на должност, но секако тие се новите раководители на казнено-поправните установи ширум земјава. Досега во повеќе извештаи како на Народниот правобранител, така и на домашните и меѓународните организации кои ги штитат човековите права беше нотирано дека во затворите владејат нечовечки услови, царува криминалот со внатрешна трговија на дрога, нашироко е распространета корупцијата, a хигиената е на неподносливо лошо ниво. Исто така многу проблематични се и притворските одделенија, особено во истржаниот затвор Скопје лоциран во Шуто Оризари.

- Во Затвор „Скопје“, Омбудсманот затекнал релативно нови душеци за затворските кревети, кои намерно не биле заменувани со душеците – инкубатори за инсекти на кои спијат притворените. Во казнено-поправните установи во Македонија,, каде што нема бактериолошко испитување во кујните и на вработените осуденици во кујните, туку и храната, солната киселина, содата, хлорот, отровите за инсекти, се чуваат на исто место и на исти рафтови со храната за осудениците, се вели во еден од извештајите на Народниот правобранител.
Одговорноста за промени и реформи ќе ја понесат следните новоназначени директори:
За вршител на должноста директор на КПУ Затвор Охрид се именува Ристе Недески.
За вршител на должноста директор на КПУ Затвор Гевгелија се именува Слободан Џонич.
За вршител на должноста директор на КПУ Казнено поправен дом Идризово со отворено одделение во Велес се именува Ќерим Махмути.
За вршител на должноста директор на КПУ Воспитно поправен дом – Тетово се именува Зоран Стојановски.
Васил Коцев се разрешува од должноста директор на КПУ Казнено поправен дом Штип, а за вршител на должноста директор именуван е Мики Тодоров.
За вршител на должноста директор на КПУ Затвор Куманово со отворено одделение во Крива Паланка се именува Марјан Спасовски.
За вршител на должноста директор на КПУ Затвор Прилеп се именува Слободанчо Ристески.
За вршител на должноста директор на КПУ Затвор Струмица се именува Жанета Багарова.
За вршител на должноста директор на КПУ Затвор Битола е именуван Драган Крајовски.
За вршител на должноста директор на КПУ Затвор Скопје се именува Александар Наумовски.
Исто така вчера Владата донесе одлука и да одбере нов директор на Управата за извршување на санкциите, па за вршител на должноста директор именуван е Јовица Стојановиќ. Управа е орган во состав на Министерството за правда.
Автор: Христијан Станоевиќ
