Економија, финансии, бизнис

Контакт

Затвори се градат, лопати се фрлаат – Идризово ќе собира над 1.600 лица!

Затвори се градат, лопати се фрлаат – Идризово ќе собира над 1.600 лица!
Започна изградбата на новиот објект на најголемиот македонски затвор Идризово. Поставувањето на камен темелникот помина во присуство за високи владини функционери предводени од премиерот Никола Груевски кој истакна дека ова е еден капитален проект кој следува како резултат на повеќегодишни подготовки. „Станува збор за крупна инвестиција, која ќе го подобри престојот и третманот кон затворените лица. Тие се осудени на одреден затвор поради некое кривично дело што го извршиле, но треба да се почитува нивното достоинство и човекови права и мора да се инвестира во тој дел, во делот на нормален престој што не ги нарушува нивните права“, изјави Груевски кој додаде дека вака ќе им се помогне на лицата во затвор и ќе се исполнат одредени критериуми согласно европските стандарди. Како што информираше премиерот, изградбата и реконструкцијата на затвори ќе продолжи, а потсети и дека веќе се реновирани затворите во Прилеп и Штип, како и новото притворско одделение во затворот „Скопје“. За министерот за правда Блерим Беџети, доградбата на Идризово е еден од најзначајните моменти во процесот на реформските активности за подобрување на функцинирањето на затворскиот систем. „Реформите кои ги преземаме во затворскиот систем продолжуваат во насока на остварување на стратешките цели на Владата и на Министерството за правда-Управата за извршување на санкциите, а тоа е да добиеме затвори според европски стандарди со што ќе се оствари и целта на издржувањето на казна затвор, а тоа е успешна ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица заради нивна реинтеграција во општеството“, изјави Беџети. Проектот чини 52 милиони евра, а по неговата реализација затворот ќе го зголеми капацитетот од 900 на над 1.600 лица.  Градежните работи ќе се прават во три фази, а објектот ќе има ново приемно, затворско и полуотворено одделение, ќе се реконструира отвореното одделение, а ќе се направи и главна капија, центар за посети, здравствено одделение, спортска сала, безбедносен ѕид .
Слично

Поврзани вести