Економија, финансии, бизнис

Контакт

Затворени гласачките места-изборите поминаа мирно

Затворени гласачките места-изборите поминаа мирно

Во 19 часот затворени се избирачките места на кои граѓаните на Република Северна Македонија можеа да гласаат на првиот круг од шестите претседателски избори. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

На 3.480 избирачки места во Републикава и на 32 во странство на шестите претседателски избори можеа да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список. Гласачките места беа отворени во 7:00 часот.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска информира дека гласањето не се одржа на едно гласачко место во општина Студеничани, бидејќи отворањето доцнеше повеќе од три часа.

Одѕивот во првиот круг на претседателските избори до 17 часот изнесуваше 35,13 проценти. Според првичните оценки на ДИК, МВР и набљудувачите, изборниот ден помина мирно и без проблеми.

На претседателските избори граѓаните можеа да избираат меѓу кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова и Блерим Река, кој е поддржан од Алијансата на Албанците и Движењето Беса.

Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.

Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5 мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови,се повторува целата изборна постапка


Слично

Поврзани вести