Затворена спортска сала во Струга поради небезбедност
Државниот инспекторат за труд ја затвори спортската сала на Средното училиште Нико Нестор во Струга, поради небезбедност. Салата е запечатена, иако истата ја користат повеќе од 1500 ученици, како и шест спортски клубови.
Ова доаѓа по неодамнешната несреќа во дискотеката во Кочани, во која животот го загубија 61 лице. Спортската сала е во лоша состојба со години, кровот прокиснува на повеќе места, па при врнежи од дожд, натпреварите и тренинзите се откажуваа. Според информацијата, по допрен глас, државен инспектор за труд од Одделение за безбедност и здравје при работа од тој регион, на 4. овој месец извршил вонреден инспециски надзор во објектот.
„При извршениот инспекциски надзор се констатирани неправилности од кои се утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените во Средно Општинско Училиште НикоНестор, кои работните задачи ги извршуваат во спортската сала, па согласно Законот за безбедност и здравје при работа издаде решение забрана за користење на салата, за вршење работни задачи, спроведување настава, спорт и спортски активност, со рок до отстранување на неправилностите“.соопштија од ДИТ за МИА.
За утврдените неправилности известени се и Државен просветен инспекторат, Опшината Струга, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи.
