Засилено се работи на нацрт-стратегијата за реформи во правосудството
Министерството за правда изготви нацрт-стратегија за реформи во судството која треба да ја врати довербата на граѓаните и да гарантира праведност за сите, како и поголема независност на судии, но и нов систем за нивен избор, оценување и разрешување.
Според министерот Билен Саљији новата нацрт стратегија е пример за демократско општество.
„Реформите во правосудниот сектор се најверојатно најзначајната област за која Македонија постојано, во изминатиот период, трпеше критики од домашната и меѓународната јавност. Оваа Влада е цврсто одлучна и има политички консензус да одлучи за одлучни реформи во овој сектор во насока на враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем“, рече Билен Саљији - министер за правда.
Документот испишан на неколку страници предвидува и проширување на ингеренциите на СЈО како и враќање на одземената правда од судовите.
„Планирано е засилување на позицијата на СЈО, во рамките на сегашниот систем на Јавното обвинителство на Република Македонија. Надлежноста на СЈО треба да се прошири за да ги опфати сите инстанци на кривични дела со висок профил на корупција“, вели Ана Павлова Данева.
Нацрт стратегијата деновиве ќе биде јавно објавена,Во неа се отворени сите значајни прашања,а нивното усвојување ќе значи и реализација на акцискиот план 3-6-9 на транспарентен и инклузивен начин. Критики и забелешки по однос на истата ќе можат да доставуваат и граѓаните.
„Од оваа стратегија ќе произлезат многу законски решенија од кои најважни се клучните системски закони, како Законот за судови, законот за Јавно обвинителство, Законот за судскиот совет“, изјави заменик министерот за правда Оливер Ристовски.
Министерството уверува дека откако Владата ќе ја усвои предложената нацрт стратегија за реформи ќе се подобрат работите во правосудниот систем и ќе се намалат штетите направени во претходните години.
