Засега нема дозвола за бетонското „чудовиште“ кај Нова Македонија
Општина Центар засега нема техничка можност да издаде градежна дозвола за изградба на 25-катница и 10-катница на просторот на поранешната печатница на НИП „Нова Македонија“, откако Советот не ја усвои одлуката за техничка исправка на градежната парцела.
Според појаснувањето од Општината, станува збор за исправка поради грешка во техничкото исцртување и опремување на планот, односно поради изостанување на регулаторна линија – планска одредба што графички ја дефинира границата на градежната парцела. Без ваквата исправка, Општината не може да постапува по евентуално барање за одобрение за градба.
На седницата присуствуваа и жители од околните згради, кои изразија загриженост дека изградбата би го нарушила квалитетот на живеење во овој дел од Центар. Тие посочија на веќе постоечката пренатрупаност, проблемите со паркирање и стравот дека новиот објект би им го одзел сонцето и просторот за нормално функционирање.
Од „Шанса за Центар“ посочија дека според важечкиот Детален урбанистички план за локацијата е предвидена површина за градба од 105.000 квадратни метри на основа од 5.200 квадратни метри. Тие наведоа дека за деловна намена со таква површина би биле потребни околу 1.750 паркинг-места, што според нив може да се обезбеди само со 10 подземни нивоа, како и дека коефициентот на искористеност е значително повисок од околните објекти.
Советниците од Левица и од ЗНАМ соопштија дека ќе гласаат против, оценувајќи дека на кој било начин треба да се спречи изградбата. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе гласаат „против“, посочувајќи дека на Комисијата за урбанизам веќе било едногласно одлучено точката да не се поддржи.
Од Секторот за урбанизам истакнаа дека станува збор исклучиво за техничка исправка, а не за носење нов ДУП или одобрување проект за градба. Тие потсетија дека планот е донесен во 2012 година и дека со измена не може да се намали веќе утврдена катност. Посочија и дека максимално дозволената висина е 25 ката, но инвеститорот не е обврзан да ја искористи целосната катност.
Во одговор на прашање дали без техничката исправка може да се издаде дозвола, од Секторот појаснија дека тоа не е можно. Додадоа дека во таков случај инвеститорот би можел да покрене постапка против Општината, што би можело да резултира со обврска за надомест на штета и судска одлука за постапување согласно планот.
На крајот, Советот едногласно ја одби точката, со што техничката исправка не беше усвоена. Од Општина Центар информираа дека досега нема поднесено барање за издавање градежна дозвола за оваа локација.
ДУП-от за овој дел од Центар, со кој е предвидена изградбата на 25-катницата и 10-катницата, е донесен во 2012 година.
