Започнува изработувањето на извештајот за авионската несреќа кај Солунска Глава
Комитетот за несреќи и сериозни инциденти ги добил податоците од германскиот регистар на воздухоплови со што конечно може да се комплетира истрагата која започна да се води пред повеќе од една година откако леталото „цесна“ П210Н кое леташе од Охрид за Софија се урна на Солунска Глава, а загина познатиот бугарски бизнисмен Георги Бошнаков и неговото семејство.
Зоран Илиевски, претседателот на КИНСИВ, за „Фактор“ вели дека со добиените анализи од германскиот регистар каде што бил заведен воздухопловот може да започне изготвувањето на извештајот за несреќата која се случи лани на 2 април.
- Очекувам овој месец да биде изготвена драфт-верзијата која нема да биде споделена со јавноста, но по 60 дена од тогаш ќе биде објавен официјалниот извештај за несреќата. Тоа до сега можеше и побргу да се направи, но контактите и комуникацијата со германскиот регистар беше отежната поради епидемијата, вели Илиевски.

Првиот човек на комитетот додава дека паралелно добро се одвива и комуникацијата со бугарските власти, но и дека не може да дава детали за причината поради која дојде до несреќата на врвот Солунска Глава се додека не биде изработен конечниот извештај. Засега остануваат претпоставките дека поради лошите временски услови пилотот одлучил да слета во Скопје, а по кратко време побарал дозвола да породолжи за Софија по што му се изгуби трагата. Комитетот побара историјат од германските институции, бидејќи авионот бил во тамошниот регистар, и од бугарските власти, затоа што авионот беше во сопственост на загинатиот пилот.
Најконтроверзниот дел од случајот беше изјавата на бугарскиот амбасадор во Скопје непосредно по инцидентот дека на пилотот кој сакал да лета од Охрид до Софија му биле дадени погрешни метеоролошки информации, што беше оквалификувана од македонските надлежни органи единствено како претпоставка. - Одговорот ќе биде целосен кога ние ќе ги добиеме информациите од метео-службата на охридскиот аеродром, па ќе видеме колку тоа влијаело да дојде до ваква несреќа. Претпоставката треба да се претвори во факт. Тоа што изјавил бугарскиот амбасадор за нас не е релевантно. Многу работи треба да се истражат за да се дојде до заклучок - одговори тогаш владиниот комитет.
Покрај 49-годишниот Бошнаков, загина и неговата сопруга Калина како и нивните две ќерки кои имале 19 и 14 години. Леталото со кое се превезувале беше со германски регистарски таблици, а непристапниот терен во регионот на планината Јакупица го отежна пребарувањето на остатоците од авионот.
Врвот Солунска Глава е место кое пилотите го опишуваат како мошне опасно за маневрирање затоа што често е обвиен со густи облаци кои не даваат можност ниту за минимална видливост. Висок е 2.540 метри, а под него започнува 700-метарска бездна.
А.К.
