Започна со работа македонско-грчката комисија за трговските марки
Започна со работа македонско-грчката комисија за трговските марки, која беше формирана согласно Преспанскиот договор, а со цел изнаоѓање решение за спорните моменти околу употребата на трговските марки.
Во рок од три години Македонија и Грција треба да се дојде до договор за употребата на трговските марки, географските ознаки, брендовите и комерцијалните имиња кои во себе го содржат терминот Македонија или придавката Македонски.
Копретседавач на македонскиот тим е Ѓорѓи Филипов, кој вели дека задача на комисијата ќе биде да ги охрабрат, но и да им помoгнат на деловните заедници од двете земји да дојдат до меѓусебна согласност кои имиња би биле прифатливи за двете страни.
„Нормално е дека Хеленската република има повеќе. Поголемо е стопанството, интегрирано е во ЕУ, а ние од политички причини голем дел од марките не може да бидат заштитени, па дури и ако биле пријавени, затоа што ние сме надвор од ЕУ. Ќе треба двете страни за двете работи да дискутираат. Ако никому не му пречи македонска алва, зошто да не постои или ако не му пречи нешто што е со македонска придавка или нешто што е од Македонија. Ние досега не сме имале ниту една марка заштитена во ЕУ со терминот Македонија. Ние тргнуваме од една точка во која нашите компании можат само да добијат“, изјави Филипов.
