Започна поделбата на дивидендите, кои компании го најавија тоа досега?
Досега осум компании што котираат на Македонската берза ги објавија своите дивидендни календари или објавите за акционерски собранија каде што се наведени предлозите за износот на дивидендата.
Според дивидендниот принос, после ТТК Банка доаѓа акцијата на Реплек, за којашто дивидендата е 4444 денари во бруто износ, или 8,1% кога ќе се подели оваа сума со цената на тргување последниот ден од 2017 година. Според дивидендниот принос, следат акциите на Македонски Телеком (6,7%), Комерцијална банка (6,5%), Тетекс (6,3%), Македонијатурист (5%), Македонија осигурување (4,9%) и Алкалоид (3,6%).
Дивидендата што ќе ја подели Македонски телеком е во износ од 18,37 денари по акција, бруто, односно околу 1,59 милијарди денари вкупно распределена добивка од 2017 годинам што е 18,37% од номиналната цена на акцијата, од 100 денари, додека пак, дивидендниот принос на оваа акција е 6,7%, според последната цена од 2017 година што изнесувала 275 денари. Деновиве цената на оваа акција се движи околу 280 денари. Најнизок е овој однос кај дивидендата по акција на текстилната фабрика Тетекс, од 3,8%, со оглед дека дивидендата е 122 денари по акција, а номиналната цена е 51 евро, или околу 3144 денари. Дивидендниот принос кај акцијата на Тетекс пак, е 6,5%, со оглед на цената од 1950 денари на последниот ден од тргувањето во 2017 година. Тетекс ќе подели вкупно добивка од 50,6 милиони денари – дел од ланската добивка плус акумулиран профит од 2012 година наваму.
