Запален автомобилот на прилепски функционер, градоначалникот побара оставка од полицискиот командир
Вчера во раните утрински часови непознати сторители го опожариле автомобилот на директорот на ЈКП – Комуналец, кој се наоѓал пред неговата куќа, а градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, побара оставка од локалниот командир, затоа што како што вели тој, нарушена е безбедносната состојба во градот.
Јовчески на прес-конференцијата рече дека за кратко време се случили многубројни инциденти во Прилеп.
„Повод и причина за денешната моја изјава е да го осудам чинот од вчерашниот инцидент што се случи во раните утрински часови. Вчера на директорот на ЈКП – Комуналец Прилеп, непознати сторители го опожариле неговиот семеен автомобил пред неговата куќа.
Ова ја прелеа чашата по однос на безбедносната состојба во Прилеп и ги доведе во несигурност моите сограѓани.
Пред некој ден повторно имаше тепачка на ул. Републиканска. Минатиот месец бевме сведоци на масовна тепачка на млади пред еден прилепски локал и неколку криминолошки дејствија со препродавање и транзитирање на наркотични средства, кои ја зголемуваат несигурноста на моите сограѓани“, рече Јовчески.
Командирот на полициската станица одговори дека не е нарушен степенот на безбедност на градот и дека нема да поднесе оставка.