Запален автомобил кој го користел судијата Ѓоко Ристов
Фото: Нова Македонија
Ноќен пожар на подрачјето на скопската општина Карпош уништи патнички автомобил, а пламенот предизвикал штета и на уште три возила, како и на деловен објект. Полицијата врши увид за да ги утврди причините за избувнувањето на огнот, а се верува дека запаленото возило било користено од судијата Ѓоко Ристов.
Името на Ристов во изминатиот период е во фокусот на јавноста поради истрага што ја води Обвинителството. Засега нема официјални информации дека пожарот е поврзан со тој случај, а од МВР информираат дека е во тек увид по кој ќе бидат познати повеќе детали за причините и околностите под кои избувнал пожарот.
Обвинителството тврди дека при претрес биле пронајдени околу 350.000 евра соѕидани во куќата на родителите на судијата, додека Ристов ги негира обвинувањата и изјави дека со документација ќе докажува дека парите не се негова сопственост.
