„ЗАОКРУЖИВ ЕДНО ПОГЛАВЈЕ ОД МОЈАТА РАБОТА ЗАМЕНИК МИНИСТЕР“: Алиу се повлекува од функцијата
Заменик министерот за образование, Лулзим Алиу, поднел неотповиклива оставка од функцијата. Својата одлука ја соопшти на Фејсбук, каде објави и фотографија од оставката поднесена до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека во овој период е најсоодветно да го продолжи својот придонес во академското поле.
- Денес заокружив едно поглавје од мојата работа на должноста Заменик на министерот во Министерство за образование и наука, со тоа што до Претседателот на Владата на РСМ, г. Христијан Мицкоски ја доставив мојата оставка од функцијата Заменик на министерот во Министерство за образование и наука.
Алиу доаѓа од редовите на Алтернатива, едната од партиите што се дел од албанската партија ВРЕДИ, која е дел од владејачката коалиција.
Претседател на Алтернатива беше актуелниот собраниски спикер Африм Гаши кој се повлече од лидерската позиција пред да биде избран за претседател на парламентот. На почетокот на декември, на чело на Алтернатива застана Беким Сали, кој неодамна беше избран и за министер за евроинтеграции и прв вицепремиер во Владата предводена од Мицкоски.
Алиу беше изгласан за заменик-министер во јули 2024, по формирањето на Владата од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ.
Истата функцијата тој ја извршуваше и во 2022 и 2023 година, период кога Алтернатива беше дел од Владата предводена на Димитар Ковачевски, која ја сочинуваа СДСМ и ДУИ.
Во периодот помеѓу двата мандати како заменик-министер, Алиу беше продекан за образование на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде стана редовен професор во 2020 година.
Фото: Принтскрин/Фејсбук